Скопје во периодот 1918 - 1941 година бил главен снабдувачки центар

Во 1928 година во Скопје постоеле  пазари што биле останати од минатото. Сепак, градските власти издвоиле средства за изградба на уште два непокриени и  два покриени пазари, како и на еден центар за продавање добиток - Добиточен пазар, лоциран покрај модерната кланица.

Пазарната такса се наплатувала според единствена тарифа, одобрена од Министерството за финансии, а годишниот закуп чинел 750.000 динари. 

Скопје во периодот 1918 - 1941 година бил главен снабдувачки центар кој со својата развиена трговија и добра транзитна положба снабдувал голем број поблиски и подалечни градови и села со домашни и увозни артикли. 

Помеѓу двете светски војни во Скопје постоеле пазари кои се нарекувале според стоката што таму се продавала:  Ат-пазар (за сено, слама, тркала и прибор за кола), Којин-пазар (за ситен добиток), Ајван-пазар (за крупен добиток), Пастрма-пазар (за суво месо - пастрма од коза и овца), Тереќе-пазар (за жито), Јаг-пазар (за масло и слично), Зарзават-пазар (за зеленчук). Покрај овие пазари постоел и Арпаџик-пазар (за ситен кромид за садење  - арпаџик) кој не се мешал со другите зеленчуци, Чумлек-пазар (за сирење, урда, млеко), Тенекеџи-пазар (за продавање на лимарска стока), Лал'н-пазар (за налани и други изработки), Јемиш-пазар (за овошје), Волна-пазар (за волна и волнени изработки), Бал'к-пазар (за сува риба) и други.

На одредени места на Бит-пазар се продавале асурци (рогожи), а имало и уште Базарџан (за ситнурија), Кари-пазари или Женски пазар и слично. Пазарни денови во Скопје, кога доаѓале најмногу продавачи, биле вторник и помалку во петок и понеделник.