Скопје тивко дише под заштитни маски

Вчера ја немаше вообичаената слика на скопскиот метеж и градот некако поинаку пулсираше.
Скопје од вчера живее поинаков живот. По преземените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот жителите на Скопје во најголем дел ги сфатија сериозно и ги почитуваат. Забележлив е намалениот број возила на улиците, како и движењето на граѓаните. Поголема раздвиженост може да се види во супермаркетите и малите продавници во кои многумина купуваат храна. Но во поголемите маркети повторно имаше празни рафтови или многу малку намирници на полиците за тестенини, брашно шеќер, конзерви. Кај граѓаните постои страв, но нема паника, како во големи градови во некои земји.

Од вчера во градот се преземени и нови мерки со кои се опфатени голем број скопјани. Така, на пример, автобусите од јавниот превоз ќе сообраќаат по редуциран возен ред, идентичен на возниот ред што важи за време на зимски, односно летен училиштен распуст.
Привремено нема да важи и одлуката за вообичаениот бесплатен превоз во вторник, петок, сабота и недела за возрасни лица (жени со 62 год, мажи со 64 год). Истото важи и за годишните билети за студенти и средношколци. Поконкретно, нема да важат годишните или месечните билети. Треба да се нагласи дека во тие рамки ќе се наплатува и возењето со жичницата на Водно, услуга што беше бесплатна за пензионери и тоа секојдневно во текот на целата година. Од ЈСП наведуваат дека одлуката е привремена, ќе важи во наредните две недели, до наредните препораки.
– Редуцираниот возен ред е во согласност со актуелната состојба со коронавирусот, намалениот број корисници на јавниот превоз и препораките за превенција од ширење на вирусот – истакнуваат од ЈСП.

Владините препораки од вчера ги применија и некои од претпријатијата и градски институции, кои нема да работат со странки. ЈП „Комунална хигиена“ врши вонредна дезинфекција на садовите за смет, а ЈП „Водовод и канализација“ објави телефонски броеви и веб-адреси за услуги кон своите корисници за да го намали физичкото присуство на граѓаните. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ја извести јавноста дека привремено ќе ги затвори шалтерите за прием на странки и ги повикува сите корисници, во наредните две недели, да ги користат услугите на претпријатието исклучиво по електронски пат на веб-платформата www.poc.mk. Секторот за финансии на Град Скопје објави дека наредниве 14 дена нема да прима странки, а секторот за урбанизам на Општина Центар ги укина приемните денови. За посетители затворена е и Зоолошката градина во Скопје.