"Скопје сити мол" е отворен, дојавата за бомба била лажна

Дојавата за бомба во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје била лажна, потврди Министерството за внатрешни работи.

Од таму соопштија и дека од истиот телефонски број, преку кој е лажно пријавена бомбата, на 40-ина граѓани во Скопје им се ипратени СМС-пораки со покани да се јават во полициска станица на разговор.

„Ги информираме граѓаните дека покани за разговор во полициска станица Министерството за внатрешни работи доставува со писмо на домашна адреса или преку телефонско јавување на надлежниот инспектор, а не преку СМС-пораки“, велат од МВР.

Дека станува збор за лажна дојава за бомба, попладнево потврдија и од управата на „Сити Мол“. 

Оваа лажна дојава денес беше причина нашиот објект да биде затворен на неколку часа, додека не се применат сите светски стандарди за безбедност на трговски центри од затворен карактер. Како трговски центар им благодариме на сите кои се дел од нашите служби со чија помош успеавме безбедно да ги евакуираме сите посетители како и вработените во продажните места, велат од таму.