Скопје се претвора во депонија - кој е виновен?

Расфрлани делови од компјутер, мебел, бела техника. Но, не на пазар за стари работи, туку на јавна површина. Отпадот од домаќинствата најчесто завршува помеѓу зеленилата, во урбанизирана средина.

Бројот на депонии во градот постојано расте, но локалната самоуправа дополнително ќе бара решение на проблемот.

Што работеле комуналните инспектори досега, зошто се зголемува бројот на диви депонии и како ќе се третираат тие – нема одговор од надлежните.

„Ѓубрето го создаваат луѓе. Ѓубрето не никнува од земја. Јас заради тоа веќе најавив малку позасилен инспекциски надзор и еден правен квалитет кој што очекувам наредната година дека ќе успееме да го добиеме во смисла на формирање на комунална полиција,“ рече Петре Шилегов – Градоначалник на Град Скопје.

Екологистите се на ставот дека проблемот е во свеста на луѓето. Велат, оние кои градат, градежниот шут го фрлаат каде стигнат, наместо да најмат возило кое за осумстотини денари ќе го исфрли на соодветно место.

Според статистиките, на територијата на државата околу 200.000 тони отпад годишно завршуваат во природата.