„Скопје Опен 2015“ ја донесе Европа во Македонија

По 19 пат традиционално се одржа најголемиот и најдобриот танцов натпревар во Македонија „Скопје Опен 2015“ на 7 ноември во МОБ во организација на Димче Алексоски-директор на Танцовиот клуб Ритам Плус од Скопје и Тамара Ѓурчиновска – директорка на балетското студио Арт Балет од Скопје.

Оваа година организацијата беше на највисоко ниво започнувајќи од маркетингот низ цела Европа за Скопје Опен 2015, местото на одржување –Македонската Опера и Балет истовремено на 2 сцени, перфектно осветлување и озвучување на сцените, големиот и богат награден фонд за натпреварувачите.

Добрата организација и спојот на успешноста на двајцата млади организатори направија овој настан да ја стави Македонија во центарот на културните случувања во Европа па така Скопје Опен 2015 стана престижен танцов настан на кој земаа учество повеќе од 12 земји и кој собра врвни танцувачки имиња во Македонската Опера и Балет.

И оваа година како главен покровител и подржувач на Меѓународниот Танцов натпревар Скопје Опен застана Градот Скопје.

Судискиот состав го сочинуваа навистина еминентни имиња од светот на танцот : Олга Панго и Горан Божинов од Македонија, Стефано Селати, Сабрина Боско и Паоло Лонди од Италија, Ники Мичаира од Грција, Захари Нанков и Кремена Атанасова Шопова од Бугарија, како и Оља Јовановиќ од Србија Како помошни судии беа и организторите на СКОПЈЕ ОПЕН, Димче Алексоски – директор на Ритам Плус и Тамара Ѓурчиновска – директор на Арт Балет.

Натпреварувачите имаа огромен мотив да настапат и да бидат оценети од олку звучни и значајни професионалци од сите танцови стилови. Натпреварот траеше цели 12 часа, а вечерта на 7 ноември се одржа гала вечерта каде се претставија најдобрите од најдобрите и се натпреваруваа за навистина вредни награди: стипендии на значајни академии за танц во Европа, учества на едни од најдобрите европски натпреври, како и парични награди.

Главните награди ги освоија Василена Шопова од Пловдив-Бугарија за најдобар солист, „Freedom“ од град Русе-Бугарија за најдобра група и најдоброто хип хоп студио од македонија Аква ја освои главната награда за најдобра формација. Останатите награди според бодовите беа распределени на балетски студија од Македонија, Хрватска, Италија, Бугарија и Грција.

Заинтересираноста за следната 2016 година веќе започна и се очекува уште поголем број на танцови имиња кои ќе земат учество на нашиот престижен танцов натпревар.