Скопје низ призмата на еден „провинцијалец“

Со раце под глава во темната соба бдеам во таванот. Менталниот клип за тоа каков ќе ми биде животот во Скопје штотуку се одмота. Безмилосно и со презир ја погледнав Саат Кулата од мојот прозор. „Конечно ќе мрднам од градов, ќе одам некаде каде што никој нема да знае кој сум, чиј сум, на кого сум...и ќе бидам она што навистина сум“.

Со нетрпение го очекував знакот под мостот каде што пишуваше Добронидојдовте на влезот во Скопје. 

Низ главата ми се вртеше помислата, „Живеам сега во Скопје, работам сега во Скопје,...еј...не е мала работа човек да се одлучи на ваков чекор“. Низ главата ми се вртеа филмови на еманципирани луѓе, желни нешто да направат во животот.

Конечно ќе се движам во кругови како интелектуалниот труд е далеку повреднуван од оној на кого си/чиј си и како ако мрднеш само малку на интелектуално ниво (си издал збирка поезија) се доживува со лицемерен крик на нискобуџетната локална телевизија, која уствари си пополнува место во емисијата „Локални дијагонали“.

Ги замислував седенките на кафе во Аја Лезет, како пијам чај Earl Grey со млеко, бидејќи во Битола ме гледаа како да сум паднал од друга планета, а не дај Боже да те земат на „удолу“ во смисла „Шо му е на чооооеко бе браааат?! (М)Ооооооре ненормалееен“.

Деновите се нижеа. Декаденцијата на градот полека, полека започна да се отвора. Морзеова азбука. Бетон, асфалт, бетон, бетон, асфалт. Сето тоа спомешано со миризба на плин, бензин и огромни количество дизел.

Стрес на секое лице. Не знам дали е до Сонцето, сињакот или нешто друго, ама брчките на лицето овде изгледаат подлабоки.

Ефектот на добро настегани сардини во смрдливите автобуси те следи на секој чекор. Веќе го научив ритамот и на тоа. 7.30 сабајле, 3.30 попладне, 11.30 навечер. Секои осум саати автобусите крцкаа од луѓе испозалепени како плакати врз гнасните прозори на 5-ка, 23-ка,15-ка,57-ка...

И тука некаде низ сиот песок од нормални луѓе ќе фрлиш поглед и ќе ги забележиш малите бисерчиња - богати луѓе со гнасен материјалистички фетиш, кои со своите џипови, ферарија, масерати, бентли фрчаат низ улиците. 

Успат излегуваат пред Holiday Inn да ги мрднат своите дебели машки и ултра слаби женски газови со „екслузивната“ солунска викенд роба.

Ги нема седенките во Аја Лезет. Премногу сум/сме зафатени да се избориме за егзистенција или сме пропаднати во длабока меланхолија за викендот кој едвај чекаме да дојде, а кога ќе дојде ...само ја сумираме измината недела и гледаме уствари колку ни е шит животот.

Контактите замираат. Градот е голем. Кој ќе се влечка од Аеродром до Радишани, од Радишани во Капиштец, од Капиштец во Ново Лисиче.

Старите ги гледаат глупавите турско/индиски серии и приспонуваат на топлото време и бесцелното шеткање покрај кеј, собирајќи ги миризбите на смрдливот Вардар.

Сивилото е насекаде околу мене. Градот нема дух. Вештачка творевина исполнет со лажен лицеремен интелект во форма на навидум успешен човек кој својата репутација ја креира со лажен себе-идол (малку различно од егоцентричност и нарцисоизам) за она што сте го постигнал.

Со други зборови - учев многу, отворив бизнис, имам пари, купив јака кола, други работат за мене и општеството ми дава признание. Yeah right!

Веќе ги научив сите места низ целиот Центар и Аеродром. Кога имав некој динар, тркнав и до Тафталиџе, Маџари и други елитни населби низ Скопје, како Чаир (транзит), Бутел и елитната Радишани (читај: Богу иза леџа).

Малото брдо, не многу поголемо до Тумбе кафе, се величи како да е Монт Блан и постојано се шират приказни за тоа каааааков триумф е да се искачиш до крстот и каков секс може да падне покрај патот до Видиковец или средно Водно.

Младите „провинцијалци“ одвај чекаат да тркнат до родниот град. Студентите не се замараат. Нема мама, нема тато, цело друштво им е тука, шо ќе им се оди дома. Ќе дремат тука месец-два и ќе излегуваат во елитните ноќни клубови, при тоа неминовно е двочасовното чекање ред како за леб во 90-тите (читај: глумат лудило, пуштени од синџир).

Читај драги провинцијалецу:

Плата имаш висока во Скопје, во споредба со Битола (ова пополни го со твојот роден град). Но, те молам одбиј за кирија, сметки, живот, транспорт, окапани коски по автобуси како градски, така меѓу градски. 120 денари за шише 0,33 Скопско во Ноќен клуб, ...

Ете тоа.