„Скопје лаб“ Центар за иновации и нови услуги и решенија за подобро Скопје (ГАЛЕРИЈА)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП во Република Македонија свечено го отворија Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје лаб.

Центарот за иновации е лоциран во објектот на влезот на градската администрација, во просториите на поранешниот Граѓански центар.

- Со отворањето на овој Центар за иновации, Град Скопје ги продолжува активностите за подобрување на комуникацијата и соработката со граѓаните, давајќи и можност на јавноста да учествува во развојот на нови услуги и решенија за подобро Скопје. Клучната улога на оваа лабораторија е да работи на истражување и развивање нови решенија за предизвиците со кои секојдневно се соочуваме. Ова е место каде што граѓаните, бизнис заедницата и невладиниот сектор ќе имаат шанса да работат заедно и директно да учествуваат во креирањето на политиките - изјави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

- Идејата на Центарот е да покаже дека јавните услуги што ги нуди власта, без разлика дали на национално или локално ниво, како што е во овој случај, можат да бидат подобрени со вклучување на јавноста во нивното креирање и спроведување. Центарот за иновации на Град Скопје ќе биде место за отворен дијалог меѓу вработените во градската управа и пошироката јавност, со цел да се најдат решенија кои ќе ги задоволат потребите и желбите на граѓаните, почитувајќи ги истовремено буџетските ограничувања на Градот - изјави Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП.

Првите два пилот проекти на кои ќе работи Центарот за иновации се справувањето со загадувањето на воздухот и справувањето со отпадот.

Покрај Центарот за иновации на Град Скопје, УНДП помага во основањето на Центри во Ерменија, Грузија и Молдавија. Овој регионален проект е вреден 360.000 американски долари и е поддржан од УНДП и владите на Словачка и на Турција.