Скопје ќе добие парк за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи

Со повеќе активности ќе биде одбележан 15 Ноември – Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, меѓу кои засадување дрвца, пешачки дефилеа во повеќе градови, едукативни предавања, јавни трибини, посета на гробот на Тоше Проески, крводарителна акција, организација на ликовна изложба и др.

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот соопшти дека секоја година во светот околу 1,2 милиони лица го губат животот во сообраќајни незгоди и околу 50 милиони се здобиваат со телесни повреди. Во Македонија, според податоците со коишто располага РСБСП  во првите девет месеци во 2015 година се случиле 100 сообраќајни несреќи со загинати лица во кои што животот го загубиле 113 лица, а 4.684 се повредени.

Во насока на одбележување на Светски ден на сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди РСБСП во соработка со своите партнери на утре во 11:00 часот ќе промовира парк посветен на жртвите кои оваа година го загубија животот во сообраќајни несреќи.