Скопје како Див запад

Во изминатите месеци во Скопје беа ограбени неколку филијали на банки од разбојници, неколку казина и обложувалници. Имаше и двојно убиство во Кисела Вода, кога сопственик на менувачница застрела двајца разбојници кои го нападнале и сакале да го ограбат.

Престрелки и убиства има скоро секој ден, сеуште не е фатен убиецот на фудбалерот Мартин Јанушев кој со 5 куршуми го застрела младиот скопјанец во пределот на вратот и главата. Нема реакција ни за престрелка на улицата „Лазар Трповски“ во населбата Топанско Поле, каде беше убиен активист на СДСМ од Чаир.

Скоро и да нема ден, а во полицискиот билтен да не се појави случај на опожарен автомобил во Скопје. Последниот случај се случи во трговскиот центар „Сити мол” во Скопје, на најгорниот паркинг, од засега непознати причини избувнал пожар во патничко моторно возило „Мерцедес” со тетовски регистерски таблички, сопственост на М.А. (31) од Тетово.

Ден претходно, ист случај имаше и во скопската општина Аеродром, каде на паркинг беше поставен експлозив под возило кое експлодираше и ги вознемири граѓаните.

Во последните седум месеци, има десетици вакви случаи. Заедничко е тоа што скоро секогаш опожарените автомобиле се водат на име на бизнисмени или сопственици на помали компании.

За само еден месец во два одвоени случаи украдени се повеќе од 70 парчиња оружје. Првиот грабеж се случи пред еден месец во скопската населба Капиштец, а вториот завчера во Градскиот трговски центар.

И покрај тоа што ГТЦ е под постојан видеонадзор и има обезбедување на објектот 24 часа, 7 дена во неделата, под чудни околности никој не го забележал обивањето на продавницата за оружје.И двете продавници биле заштитени со заштитни решетки и специјални брави, видеонадзор, а во единот случај и ангажирано е обезбедување. И покрај тоа, сторителите ниту на првиот, ниту на вториот грабеж се уште не се откриени, а оружјето, кое по квантитет и квалитет може да наоружа една поголема чета, се наоѓа на скопските улици.