Проширени булевари, кружни текови, градинки, реконструкција на средни и основни училишта, нови споменици, паркови.....Годинава што изминува беше динамична и возбудлива, преполна со настани и проекти.Скопје Инфо направи краток осврт кон настаните кои го одбележаа Скопје во 2016 година:

Скопјани 2016 година ќе ја запаметат и како година во која се случи огромна катастрофа.

ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ:

6 август, 2016

Поплави во Скопје

Поплавени сме, помош... Така приближно гласеше кратката објава што осамна на Твитер во саботата навечер на 6 август. Тогаш македонската јавност сè уште немаше претстава колкава трагедија се случува во близината на Скопје. Дождот почна околу 17 часот и продолжи да лие во следните три-четири часа. Сепак, првите реакции дека нешто сериозно се случува се појавија после 21 часот.Поројот што тргна од Скопска Црна Гора се претвори во разулавена река, која ја поплави обиколницата и однесе дел од асфалтот сосе возилата на коловозот. Обилните врнежи дожд предизвикаа катастрофални штети во Скопскиот Регион, поточно во Синѓелиќ, Стајковци, Инџиково, Економија, Ченто, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Булачани, Раштански Пат, Смилковци, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Шипковица.

Сепак, истата вечер, освен за уништените автомобили, улици, домови, се појавија и информации за загинати. На социјалните мрежи прво проструи информација дека една жена се удавила на обиколницата.Кобните сознанија дојдоа следниот ден. Пристигнаа информации за четворица, па за петмина, па за десетмина загинати. Конечната бројка, за која денес се знае, е дека во невремето загинаа 22 лица.

7 септември, 2016

Серија земјотреси

Земјотресите во Скопје се уште се главна тема меѓу граѓаните. Особено што земјата и натаму се тресе. На 7 септември  беше регистриран земјотрес кој ги разбуди  и вознемири скопјани, попладнето беше регистран нов посилен земјотрес со јачина од 5,3 степени по Рихтер. Земјотресот беше почувствуван во цела Македонија, но и во Србија и Косово.

Граѓаните во паника ги напуштаа своите домови, особено оние во зградите кои седаа по парковите.Беа евакуирани Рамстор, Сити Мол и трговскиот центар Капитол во Аеродором.Овој земјотрес предизвика минимлани штети на дел од фасадите од скопските згради и куќи. Тој ден над 30 граѓани со скршеници на рацете и нозете  биле примени во Клиниката за хируршки болести св. Наум Охридски, бегајќи во паника од своите домови.

Клучни проекти во сообраќајот:

Кружен тек во Автокоманда

Нов кружен тек меѓу улиците „16. Македонска бригада„ и „Коце Металец“ кој ги поврзува населбите Автокоманда и Железара во општина Гази Баба финансиран од Градот Скопје со вкупна вредност од 53,6 милиони денари, денеска беше пуштен во употреба.

За одведување на атмосферските води од кружниот тек е изградена атмосферска канализација со Ф600 милиметри и Ф400 милиметри, на вкупна должина од 634 метри. Извршена е заштита на гасоводната цевка, а поставена е и нова водоводна мережа со Ф200 милиметри во должина од 52 метри.Кружниот тек е осветлен со 35 столба со моќност од 250 вати. Во средишниот дел на кружниот тек и од страните уредена е вкупна зелена површина од 11.800 квадратни метри.

Современ булевар со 6 ленти - проширена Партизанска

Oфицијално  пуштeн во употреба  e вториот дел од пробиениот булевар „Партизански одреди“.

Со овој проект се продолжи пробивањето на булеварот „Партизански одреди" од новиот кружен тек кај Порта Влае (меѓу булеварот Партизански одреди и улиците Ацо Шопов и Ѓорче Петров) па се до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле" (помеѓу булеварот Македонска војска, улицата Борис Сарафов и улицата Лука Геров).

„Партизански одреди" се искористи за изградба на нова атмосферска канализација, на потег од 447 метри каде што се постави канализација со профил ф- 400 милиметри. На оваа делница се постави и целосно ново улично осветлување, односно се поставија 40 тросегментни столбови во висина од 10 метри, со светилки со моќност од 250 W (вати) – кажа градоначалникот Трајановски.

Рутата 2 од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“

Градот Скопје продолжува со градежните активности за оформување и асфалтирање на велосипедските патеки во рамките на проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“. ЈП „Улици и патишта“ деновиве врши асфалтирање на велопатеките по должината на улицата Ѓорче Петров. На едната страна од оваа сообраќајница веќе беше целосно санирана патеката во текот на летните месеци.

Периодов интензивно се работи и на изградба на велосипедската патека од втората рута, каде се врши асфалтирање на велосипедските патеки по должината на булеварот Партизански одреди, во делот од поликлиниката „Букурешт“ кон трговскиот центар „Сити мол“. Градот Скопје пред десетина дена склучи договор и за реконструкција на велосипедската патека што го заобиколува строгиот центар на градот.

„Рутата 2 од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ е со вкупна должина од 11 километри и ќе ги поврзе општина Аеродром, преку општините Центар и Карпош, до општина Ѓорче Петров. Таа ги опфаќа булеварите Февруарски поход, Видое Смилевски Бато, Јане Сандански и Кузман Јосифовски Питу, Кеј 13 Ноември, плоштадот „Македонија“, булеварот ВМРО и булеварот Партизански одреди до Порта Влае“ информираат од Градот Скопје.

Светски познати музички имиња со концерти во Скопје

Изминатава година имавме можност да се забавуваме и пееме на концертите на Енрике Инглесиас, Џон Њумен,David Guetta, Robin Schulz, Ера Истрефи, Бајага, Прљаво Казалиште, Жан-Мишел Жар, Ian Gillan, Џос Стоун, 18 години Таксират.. ..За крај проштален концерт на „Леб и Сол“ во МОБ.