Скопјани и во годината во која штотуку навлеговме ќе имаат можност да учествуваат активно во традиционалната Бадникарска прослава што на 6-ти Јануари по 26-ти пат ќе се одвива на платото пред Соборниот Храм Свети Климент Охридски. Повторно ќе бликнат среќа и радост во пресрет на Бадник и Божик.

Илјадници наши сограѓани ќе си заминат во своите домови со бадниково гранче, симболот на светлината и сонцето,среќата и радоста, што ќе им го дадат бесплатно членови на Одборот за прослава, кои со денови предано работат за што поуспешно одвивање на манифестацијата, започната на пазарчето Буњаковец во далечната 1993 година.

Како и секоја година наназад Бадник 2018 ќе почне со химната што во живо ќе ја испеат „Силви Бенд“ и со кревање на бадникарското знаме  на јарболот, до знамето на Македонската Православна Црква и на република Македонија. Следува осветувањето на гранчињата, нафората, топлата ракија и чајот од страна на свештенослужители на Соборниот Храм, а потоа и делењето од страна на членови на одборот за прослава. Делегација на Одборот заедно со Кумот за Бадник 2018 ќе се упати кон Домот за стари лица во Злоуќани со пригодни подароци,но и со осветени гранчиња и топла ракија и чај, за да им ја пренесе атмосферата во нивното привремено живеалиште и да им покаже дека сепак не се сами и заборавени.

Присутните граѓани ќе имаат можност да ги пречекаат Стариот Кум Радко Манов со Преодниот пехар, градоначалникот на Скопје Господин Петре Шилегов, новиот Кум Влатко Огненовски со погачата со златна паричка и Здравичарот Стефан Хаџиниколов, кои ќе се упатат во Храмот, каде што ќе се одржи свечен чин на Осветување и кршење на погачата од страна на Поглаварот на МПЦ Господин Господин Стефан, кој во таа пригода и ќе одржи традиционална беседа, по што сите заедно ќе дојдат на бината каде што ќе се одржи продолжението на свеченоста. Здравичарот ќе ја каже здравицата од името на Одборот за прослава, Кумот ќе им се обрати на присутните,како и скопскиот градоначалник, кој потоа ќе му го врачи Ќупот на Новиот Кум, сето тоа со пренос на програмата на Македонското Радио. Кулминацијата е заминувањето на Кумот и Здравичарот, кои со пајтон ќе заминат поздравени од сограѓаните, кои од самиот почеток ја одобруваат оваа иницијатива за дружење и веселба во пресрет на најголемиот Христијански празник Божик, раѓањето на Пресветиот Исус Христос.

Прославата продолжува со настап на естрадни уметници и општонародна веселба.