Скопје доби импозантен објект: Отворен „Адора Флетајрон“ (видео)

Во присуство на голем број станари и гости, со хорска музика и голем огномет, објектот го пуштија во употреба генералниот директор на Адора инженеринг д-р Ванчо Чифлиганец, заменик претседателот во владата на Република Македонија за економски прашања, Кочо Анѓушев и поглаварот на МПЦ Архиепископот Охридски и македонски г. г. Стефан,  синоќа беше отворен импозантниот станбено-деловен објект „Адора Флетајрон“, новото репрезентативно лице на Скопје.

Здание, кое со своите архитектонски специфики, и дава еден нов лик на македонската метропола.

На свеченоста беше извлечена главната награда Mazda CX-3, што ја добија најсреќните купувачи на стан во објектот, Ивана Митровска и Даниел Велиновски.

Првиот човек на Адора проф. д-р Чифлиганец порача дека објектот кој е резултат на над двегодишната пожртвувана работа на 400 вредни неимари и искусни стручњаци, е натпросечен по цврстината и сеизмичката стабилност, по дизајнот, стандардите за квалитетно, здраво и комфорно домување и  светскиот стил, што го претвори во нов препознатлив урбан симбол, кој ја редефинира сликата на метрополата и остава силен печат на современо Скопје.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев порача дека владата работи на создавање поволни услови за економските проекти, а Чифлиганец го посочи за пример како може човек кој немал ништо, да создаде успешна бизнис империја.

Македонскиот Flatiron, на само 900 метри, или 7 минути пеш од Плоштад Македонија, на границата меѓу општините Центар и Кисела Вода, кај месноста Стара Рампа е со висина од 58 метри, има 16 катови, мезанин и приземје, три влеза, 7 експресни лифтови и распоред по 6 станови на кат во влез, што нуди хумано домување со загарантирана приватност за станарите. Објектот има станбен дел со вкупна површина од 19.400 м², 234 модерни домови и 45 луксузни пентхаус станови, ексклузивен деловно-трговски центар со вкупна површина од 3.100 м² со 29 деловни простории и 394 паркиралишта на три подземни нивоа.

Адора Flatiron Скопје е инвестиција од над 20 милиони евра, што е најголем поединечен инвестициски проект во високоградбата во Македонија во 2015 година, со економски обрт од преку 40 милиони евра во двете насоки. Во оваа „моќна“ зграда се вградени 25.000 м³ бетон и 2.500 тони железо, има  зголемен процент на вградено железо, арматура и бетон од 40 до 63 % повеќе од проектираното, а армирано-бетонската конструкција е 51,5 % над пропишаните стандарди и нормативи.

Централниот атриум во средишниот дел на објектот со пријатни декоративни елементи и покрив од стакло, освен сино небо и изобилство на природна светлина и свеж воздух, нуди врвна статика и асеизмичка стабилност, што на станарите им гарантира спокој и безбедност во домувањето. Објектот Flatiron за врвната енергетска ефикасност збогатена со органска фасада, доби енергетски пасош А класа, со кој е верифицирано и користењето на обновливите извори на енергија, преку фотоволтаиците за осветлување на заедничките делови и ноќната илуминација.

Адора инженеринг за прв пат во Македонија, во Адора Flatiron Скопје воведе систем на звучна изолација со индекс на звучна непропустливост од 53 до 68  db, далеку над македонските стандарди, за што станарите ќе добијат сертификат за акустичен комфор.

Комплексот Адора Flatiron, инспириран од култната њујоршка икона Fuller- Flatiron, изграден во рекорден рок од две  години, драстично ги подигна стандардите за квалитетно домување во Македонија, за што те добитник на интернационалната награда The Bizz 2016, во Монте Карло за иновативност во стилот и квалитетот во домувањето и националната награда за најдобри општествено одговорни практики од министерството за економија, за заштита на животната средина од еко и звучно загадување.

Инаку, пред два дена, со промоција на книгата „Шлемот е мојата круна“, се одбележаа јубилеите 40 години успешна и плодна кариера на проф. д-р Ванчо Чифлиганец и 15 години успешна македонска градителска приказна „Адора инженеринг“.