Скопје дел од глобалниот видеоспот за Часот на планетата Земја (ВИДЕО)

Како што започнува одбројувањето до најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, денеска тимот на ова движење официјално го промовираше глобалното видео од светската маркетинг кампања во кое се појавува и инсерт од Скопје!

Во полуминутното видео, во кое има инсерти од исклучувањето на осветлувањето од повеќе светски метрополи, се појавува инсерт од височина од нашиот главен град Скопје.

Рекламниот спот денеска се промовира на глобално ниво под слоганот „Поврзи се со планетата“, кое е овогодинешното мото на светската еколошка акција Часот на планетата Земја, инаку акција на Светскиот фонд за природа WWF, која уште еднаш ќе обедини милиони луѓе ширум светот за спас на Земјата, нашиот единствен дом.

- Ме радува тоа што WWF и глобалниот тим на Часот на планетата Земја уште еднаш го препознаа трудот кој го вложуваме за оваа акција во Македонија и го поставија Скопје во спотот кој се користи за промоција на овој светски еколошки бренд низ целиот свет. Сметам дека освен што пренесуваме силна порака за спас на планетата, оваа акција претставува и одлична можност за промоција на нашата земја, изјави Ѓорги Селков од канцеларијата на Часот на планетата Земја во Македонија.

Часот на планетата Земја претставува најголемата светска еколошка акција, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да испрати силна порака за спас на планетата.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 24 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.