Скопјанки се супердомаќинки, ама сакаат друг да им чисти, пегла, готви...

Здодевното и напорно чистење на домот, перење, пеглање, готвење, па и грижата за домашните миленичиња се претвори во бизнис.

Додека низ градовите во внатрешноста ретко ги има, во Скопје специјализирани продавници за готвена храна, иста како дома, сервиси кои освен во фирми чистат и во домови, како и дуќани за перење и пеглање, има се повеќе. Иако лани се донесе закон со кој за вршење нерегистрирана дејност се предвидоа ригорозни казни, се уште има голем број жени кои одат по домови и чистат, готват, а за одреден надомест го завршуваат и здодевното пеглање.

Зад секоја успешна домаќинка стои вредна жена. Денеска, кога темпото на живот е побрзо од кога и да е, а работното време завршува во попладневните часови, оваа некогашна шега стана гола вистина.Ако ги прашате, скопјанки ќе ви кажат дека се супердомаќинки и дека не се мрзеливи, но немаат време за се. Затоа, зад нив стои цела армија жени, па и мажи, вработени во фирми за перење, пеглање, готвење, чистење...

Во Скопје има дуќани кои перат и пеглаат.Услугата што ја даваат е сосема различна од хемиското чистење,валканите алишта ќе ви ги земат од дома и откако ќе ги исперат и испеглаат ќе ви ги донесат на врата.Цената ја наплатуваат на килограм.

Воедно бизнисот со готвење домашна храна е во процут веќе речиси една деценија. Нема поголем маркет без посебен дел за готвени јадења, а се побројни се и специјализираните продавници. Во нив може да се купи буквално се: од предјадења, како пинџур, пирошки и слично, разни супи и чорби, манџи, печено месо... Може да се набави комплетен ручек, а цената на јадењето е најмалку двојно повисока од онаа на состојките од кои е подготвено. Но, за оние со солидни примања, кои се прибираат дома по 17 часот и уште имаат мали дечиња, ништо не е скапо.

И кога домот ќе светне, односно со туѓа помош се ќе биде исчистено, испрано, испеглано, зготвено, останува време и за тоа домашното милениче да се однесе на фризер. Да, и тоа е бизнис на денешнината во нашата држава. Освен ова, како во филмовите, и кај нас можат да се најдат луѓе кои за одреден финансиски надомест ќе ви го прошетаат кучето.