Скопјанка револтирана од услугата на една скопска месара

Kако може вработените во месарниците првин да фаќаат свежо мелено месо, со голи раце, па потоа, без да си ги измијат раце и да стават ракавици, да преминат да сечат сув врат, пршута, печеница?

Инфективната клиника заразен со салмонела или, не дај боже, со листерија? Вака реагираат многу граѓани, а неколкумина од нив се јавија и деновиве алармираа за оваа секојдневна практика со која се среќаваат во скопските месарници, пренесува Дневник.

Скопјанка Весна Г. која деновиве сакала да купи печеница во една од месарниците во близина на ТЦ „Бисер“ го раскажува своето искуство:

- Чекав на ред додека месарот мелеше свежо свинско месо на друга муштерика. Забележав дека не носи никакви ракавици, па кога јас дојдов на ред, го замолив да стави чисти ракавици зашто ќе треба да ми исечка сувомесен производ. Но, наместо да го направи тоа, продавачот слегна со раменици - немаме ракавици, по што му забележав дека во тој случај треба чиста кеса да навлече на рацете бидејќи не смее по свежо месо, да ракува со овие производи. Нешто невидено! - револтирано кажуваа таа.

Според неа, наместо да ги почитуваат строгите прописи за манипулација со месни и млечни производи, во некои од месарниците и во продавниците граѓаните се изложуваат на директна опасност од зараза со бактерии.

- Заборавија ли колку жртви зема листеријата пред две-три години? - револтирана е оваа скопјанка, која случајот го пријавила директно и во управата на оваа месна индустрија. А пријава подготвува и за Пазарниот инспекторат и за Организацијата на потрошувачите на Македонија.

Од надлежните во оваа месна индустрија, која ни ја посочија, добивме изненадувачки одговор:

- Ракавици имаме доволно, треба само да ги требуваат! А ако се случи да ги снема во месарниците, вработениот треба рацете задолжително да ги измие со сапун и топла вода пред да го послужи наредниот купувач! Мора многу да внимаваме при ракувањето со храна зашто работиме и со свежо месо и со месни преработки за што законите се многу строги! - ни изјавија од оваа компанија.

Оттаму додаваат дека постојат ХАЦЦП-процедури на кои мора да се придржуваат и дека во нивните документи забележуваат многу информации за производите - кога им изминува рокот, на која температура треба да се чуваат во комора и други податоци. Вработените, пак, мора да прават санитарни прегледи на секои 6 месеци.

- Ме зачудува овој случај зашто сите вработени ја поминаа обуката и редовно добиваме потврда дека сме во напредно ниво на примена на ХАЦЦП-стандардите - објаснуваат надлежните во оваа фабрика, од кои добивме ветување дека ќе го испитаат случајот и ќе преземат мерки спрема оние продавачи што не го почитуваат ХАЦЦП- системот.

Оттаму додаваат на што се вработените во месарниците мора да внимаваат.