Скопјанка раскажува: Го кријам образованието за да најдам работа

Скопјанката Ана.Л. е еден од 38 невработени доктори на науки во Македонија, според евиденцијата на Агенцијата за вработување. 

Но, и покрај тоа што е високостручен кадар и има 11-годишно работно искуство во струката, таа речиси една година не може да најде работа, иако активно бара. Ана која е сопруга и мајка на две деца вели дека работела во една компанија 11 години. Кога компанијата се затворила останала без работа.

-Таму бев раководител за квалитет и безбедност на храна, а почнав како најобичен работник по дипломирањето на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје вели Ана.Во моментов не бирам работа, бидејќи дома заедно со сопругот сме невработени, кога и да се пријвам на некој оглас каде е пишано дека се бараат кадри со средно образование, го кријам совето образовани со цел да дојдам до работата како и веднаш да не бидам одбена дека веќе сум преквалификувана за таа позција, вели Ана.

Според  податоците триесет и осум доктори на науки и 863 магистри сѐ уште се во потрага по работа во земјава, каде според последните статистички податоци, стапката на невработеност е 22,6%.

Покрај овие високообразовани кадри, во Агенцијата за вработување се евидентирани вкупно 96.728 невработени лица, а кои им се нудат приближно осум илјади работни места огласени преку оваа институција.

Меѓу оние кои што бараат работа, најголем број се без образование – 41.884 лица, 28.043 се со завршено средно, а работа бараат и 12.054 лица кои завршиле факултет.

Од понудата на работни места, најмногу се во трговијата на мало и големо, па во преработувачката индустрија и градежништвото. Работодавачите најмногу бараат продавачи, хигиеничари на станбен и деловен простор, шивачи и келнери.

Како најголем, скопскиот регион, нуди и најголем број слободни работни места – повеќе од половината.  Следуваат Тетово, Штип, Битола и Куманово.

Стапката на невработеност од 22,6 отсто укажува на тоа дека Македонија сѐ уште има мошне висока невработеност, а се смета дека, меѓу другото, една од причините е и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот, која е присутна подолго време.

„Изборот на образование е индивидуално право на секој поединец и при носење на одлука каде да се продолжи со образование, секогаш треба да се има предвид и можноста да се најде соодветна работа по завршување на процесот на формално образование, односно да се има предвид реална потреба од таков образовен профил на пазарот на трудот“, посочуваат од Агенцијата.

Од анализите на Агенцијата, преработувачката индустрија и во наредниот период ќе бара најмногу нови работници. Најбарани ќе бидат програмерите, машинските инженери, градежните инженери, економистите, докторите по општа медицина и информатички инженери.

Со средно образование најбарани ќе бидат комерцијалисти, техничари за помош на корисници, фармацевтски техничари и електротехничари, додека истовремено ќе се бараат и шивачи, продавачи, оператори на полуавтоматска машина, градежни работници, возачи на камиони и келнери.