Скопјани, зошто ѓубрето ги фрлате од тераса?

Вака ли ќе одиме напред? Мислите дека вака ќе не чекаат во Европа? Вака ќе градиме модерна и европска Македонија?

Пред другите сме мед и млеко. Глумиме дами и господа. А кои сме навистина ние?

Соседите се една посебна “појава” во нашата околина. Први сме кога треба да видиме што се случува кај комшијата, кај ќе оди, од каде пари за одмор и за нов автомобил. Кога се враќаат од излегување и дали денеска од работа ќе задоцни и дали ќе донесе полни ќеси од маркет...

Секој знае за секого. Да ги прашаш нешто комшиите за тебе, сигурно знаат нешто што ти не го знаеш.

Во секоја маала, во секој зграда, постои макар по еден комшија, кој се “истакнува” пред другите. Најчесто тоа се комшивките. Жена која никогаш не одела на работа. Цел живот е домаќинка. Жена која мора да оди по пет пати на кафе кај другите комшивки. Од кај една излегува, кај друга влегува.

-Ова што ти го кажав нека остане тука... Дали мислите дека навистина е така?

Е таквите се едни од најголемите проблеми. Барем таков е мојот пример.

Веќе 30 години живеам во оваа зграда. Од како сум роден. И знаете до денеска една иста политика. Јас сум на четврти кат, а мојата соседка е на петти. Таа секоја вечер си ги испробува своите лични способности, но се чудам, како после 30 години, никако до сега не можеше да се извежба.

Додека сите спијат ( како што мисли таа, а не е така) ќесите со ѓубре ги фрла од тераса, со цел да го погоди контејнерот. Но, никогаш до сега не се случи да го погоди. И тоа не еднаш, не два пати, цели 30 години.

Тоалетна хартија, влошки, и се друго, секое утро наоѓаме пред влезот на зградата. Сите станари знаат кој го прави тоа. Неколку пати некој од нив се обидуваше да и укаже, но залудно. Разговорот завршуваше со опасна кавга. Ги знаете женските кавги... Таа никогаш не е виновна, никој нејзе не ја сака... И така се до денеска.

Да стана приказната уште “покомична” од неодамна во зградата се досели млад брачен пар. Можеби годините слични на моите. Млада домаќинка, со една мало бебе. Но, таа за разлика од оваа постарата комшивка, не чека за да стане ноќ, и “никој да не ја види”. Таа во било кое време од денот, кога ќе и се собере ѓубре, излегува на тераса и фрла. Ама младост си е младост. Некогаш го погодува контејнерот...

Мислев дека само ние се соочуваме со овој проблем. Неколку пати низ муабет им го раскажувам на луѓето, и сфаќам дека всушност не сме единствени. Дека секоја си има по една ваква комшивка ( добро јас имам сега две)...

И да, не е за смеење работава. Совеста? Се прашувам до каде е?