Скопјани трошат 117 милиони евра годишно за лекување од загаденоста

Во јануари годинава Студијата на машински факултет и МАЦЕФ направена за потребите на "Балкан енерџи груп", објавува фрапантни податоци – од ПМ честичките во земјава умираат повеќе од 3.800 луѓе.

 253 милиони евра годишно трошиме на лекување, од кои само за скопјани се трошат 117 милиони евра. Како едно од најбрзите решение е приклучување на неактивните корисници на централното греење на БЕГ.

Главен причинител на аерозагадувањето во зимскиот период, пред се во Скопје, е несоодветниот тип на греење на домовите. Ова беше заклучокот на извештајот на Интер-ресорската група составена од 17 државни институции и граѓански еколошки организации што го усвои Владата и во дел од мерките што се препорачуваат за да се намали загадувањето се вели дека треба да се почне процес за евентуално враќање на исклучените граѓани од системот на централно греење, стимулации за нови типови на загревање, како инвертер клими, но и забрана за користење на јаглен при затоплување на домовите. Сепак ова не е единствениот извештај што досега е направен.

И анкетата спроведена на територијата на градот Скопје во 2013 година, при која беа опфатени 166.335 домаќинства, потврди дека во најголем процент се применуваат системите за греење кои согоруваат огревно дрво (40,4%), а потоа следува централниот топловоден систем (28,6%), системите на електрична енергија (23%), нафта за ложење (лесно масло за горење) (6,9%), јаглен (0,9%) и природен гас (0,2%). Според студијата годишно од ПМ честичките умираат 3.800 луѓе.

Според Студијата, годишно во Македонија умираат околу 3.800 луѓе поради загаденоста на воздухот предизвикана од ПМ честичките. Од овие 3.800 смртни случаи годишно, 1.700 смртни случаи се предизвикани од загаден надворешен воздух, додека 2.100 смртни случаи се предизвикани од загаден внатрешен воздух, односно граѓаните кои користат дрво и други нееколошки огревни средства исто така се изложени на загаден воздух во своите домови.