Скопјани се паркираат кај стигнат, а таксистите запираат по желба на муштериите

Во метрополата деновиве над деветстотините места за паркирање на такси-возилата станаа омилен простор за кратки паркирања на несовесните возачи, а овие постапки колку и да изгледа неверојатно предизвикуваат дополнителен метеж во сообраќајот. Таксистите мораат да вртат кругови додека се ослободат нивните паркиралишта, а на исто рамниште е и нивното непрописно запирање на возилата по желба на муштериите, кое редовно прави колони возилата зад нив.


Вината за тоа кој повеќе придонесува за метежот се префрла меѓусебно, но таа е и кај едните и кај другите еднакво, сметаат експертите 

Градските власти информираат дека во моментов утврдени се повеќе од 130 локации за такси-станиците, со околу 900 места за такси-возила.Во метрополата има лиценцирано 2.400 такси-превозници, а за повеќе од една третина за нив се обезбедени обележани постојки за привремен престој. Инспекцијата за патен сообраќај постојано врши контрола над лиценцираните таксисти и секое нарушување на пропишаниот ред, односно паркирање надвор од обележаниот простор се санкционира. Ако таксистите се најдат во ситуација да затекнат возило паркирано на обележаните постојки, треба да ја проследат процедурата и да се јават за возилото да биде отстрането - велат надлежните од градот.

Надлежните сметаат дека за зголемување на метежот во градот придонесуваат и дивите таксисти, кои не плаќаат какви било придонеси, а ги ставаат во подредена положба таксистите, кои легално си ја извршуваат работата.