Скопјани сакаат во топ форма да го дочекаат летото

Скопјани се решени оваа лето да го дочекаат во топ форма. Народот вели дека спортот е половина здравје, а скопјани оваа изрека се повеќе ја спроведуваат на дело.

Џогирање и вежбање на кејот на реката Вардар, планината Водно, возењето велосипеди и ролери се дел од рекреативните активностите на скопјани кои сакаат да го извајаат своето тело за летните месеци. Справите кои се поставени на кејот на Вардар и кои можат да ги користат сите граѓани бесплатно овој пролетен период од раните утрински часови се до доцна навечер се преполни.

Дека овие катчиња со повеќе справи за разни вежби се многу популарни и користени говори и фактот дека се случува во попладневните часови да се чека на ред за да се вежба на нив.

Планината Водно исто така е една од омилените дестинации за рекреација во Скопје, па тука можат да се забележат граѓани од 7 до 77 години. Некои планината ја искачуваат со пешачење, планинарите се движат по дивите патеки во шумата, други со велосипеди, а оние мрзеливите со автомобил.

Дел од рекреативците коментираат дека на кејот на Вардар се уште доаѓаат да вежбаат девојки со 2 килограми пудра на лицето, со прекратки пантолончиња од кои се надзира задникот, а таквиот аутфит е стокмен за во диско, но не и за потење. Исто така може да се види како многу од вежбачите не го испуштаат мобилниот телефон од рака и многу им е поважна сликата и статусот на Фејсбук отколку да го прават тоа за што се дојдени.