Скопјани сакаат да се дотеруваат и да ја следат светската мода, тие се чести гости во Солун и Софија

И Скопје може да се пофали со голем број на брендови, но шопингот во Солун и во Софија се уште е на прво место.

Речиси секој викенд  Солун и Софија се преплавени од Македонци. Некои си одат сами со свој сопствен превоз, но и туристичките агенции секој викенд организираат тури до овие две места. Цената на картата е ниска, од 600 до 1000 денари, па затоа и заинтересираноста е голема. Некои одат на шопинг, да се подноват, а некои само на кафе и прошетка.

Кога ќе тргнеш, особено кон Грција, за викенд те чекаат долгометражни колони, но тоа не им смета на оние кои решиле денот да го поминат таму.

Гужва и трка по продавниците, особено кога е периодот на големите сезонки попусти. Сите трчаат колку е можно побрзо да стигнат да дофатат некое парталче кое има безобразно ниска цена како резултат на огромните попусти од 50 до 70%.

Редици се чекаат во соблекувалните, уште поголеми редици на касите за плаќање. Но, попустите мора да се искористат.

Има и такви кои што одат кога ќе одат во Солун, користат најмногу за еднодневна релаксација, прошетка, да го почувствуваат мирисот на морето и да пијат кафе на пристаништето.