Скопјани сакаат да рециклираат, но на градот му недостигаат контејнери за селекција на отпад

Благодарение на потенцирањето на важноста на рециклирањето на глобално ниво, жителите на Скопје покажуваат се’ поголема наклонетост и одговорност кон селектирањето на отпадот. Но, додека еколошката свест на граѓаните постојано расте, институциите и општините потфрлаат со обезбедување на потребните услови за одложување на отпадот, што се покажува како голема пречка во мисијата за креирање на чиста, здрава и одржлива животна средина.

Најголем проблем во моментов претставува недостатокот од соодветни контејнери за одложување на отпад во градот. Голем дел од жителите на Скопје го селектираат отпадот во својот дом, но се демотивирани од фактот дека треба да поминат голем пат до најблискиот контејнер или пак да го возат отпадот со нив низ половина град обидувајќи се да најдат место за одложување на хартиениот отпад, весниците или пластичните шишиња од нивниот дом.

Според сознанијата на нашата редакција, „Пакомак“ уште минатата година на Град Скопје му донираше дополнителни 30 контејнери за селекција на хартија и пластика, кои се од истиот тип и производител како новите контејнери кои беа поставени на улиците низ главниот град и можат да се празнат само со новите камиони на КХС.  Оттогаш помина скоро цела година, а контејнерите се’ уште не се поставени.

Од вкупно 30 контејнери, 15 од нив се за хартија и 15 за пластика, а сите се со капацитет од 2,5 m3. Скоро цела година Град Скопје свесно одбива да користи капацитет за селекција на отпад од 75 m3 и наместо да го рециклира отпадот според типот (пластика, хартија, стакло), надлежните лица одлучуваат дека нема потреба од рециклирање и сиот отпад заедно се исфрла на едно место.

Како образложение, во Градот Скопје велат дека се уште работат на утврдување на соодветните локации за поствување на овие 30 контејнери за селеквција на отпадот.

„Станува збор за контејнери со поголем габарит и истите треба да се постават на 15 локации, каде ќе има по два контејнери за комунален смет и по еден од двата нови за селекција на хартија и пластика. Поради нивниот голем габарит имаат и поголеми просторни побарувања и се работи на утврдување на посебните 15 локации каде истите би се поставиле, информираат од Градот Скопје.

За да го одржиме градот убав, чист и здрав, секој од нас треба да придонесе со свој дел. И додека свеста за важноста на рециклирањето кај граѓаните расте, се чини дека таа свест кај надлежните како да не ни постои. Така, наместо градоначалникот Шилегов и Град Скопје да го постават примерот по кој ќе се водат граѓаните, тие изгледаат незаинтересирани за еден проблем кој ја опфаќа не само моменталната популација, туку и идните генерации кои ќе живеат на оваа територија. Жителите на Скопје уште еднаш наидуваат на разочарувачко отсуство на реакција на надлежните лица, што резултира во остра критика која нашата редакција реши да ја истакне пред јавноста преку пишан збор. А критика ќе постои се’ додека има основа за тоа.