Скопјани мераклии за кучиња, ама мрзи за чистење на измет

Чувањето домашни миленици претставува големо задоволство за сите љубители на животни, но, од друга страна, претставува и голема обврска, пред сè поради фактот дека постојат низа законски одредби до кои треба да се придржуваат сопствениците на кучиња. Иако Законот за јавна чистота е донесен уште во 2008 година, сопствениците на миленици сè уште не го почитуваат во целост и ги оставаат фекалните остатоци од своите миленици низ градските улици.

Големите количества измет по парковите, кои деновиве може сите да го забележат, укажуваат дека многу граѓани сѐ уште немаат правилен однос кон обврската да се грижат за својот миленик.

Надлежните уверуваат дека ја следат состојбата, оти ќе продолжат со казнување на прекршителите и неизбежно ќе дејствуваат превентивно за да не дојде до загрозување на здравјето на граѓаните.

- Градските инспекциски и редарски органи редовно ја следат состојбата со почитувањето на Законот за јавна чистота и одлуката за комунален ред по кој треба да се однесуваат сопствениците на домашни миленичиња. Против прекршителите на законот годишно се поднесуваат дваесетина записници за казни, кои изнесуваат по 50 евра во денарска противвредност - велат од градот Скопје. 

Оттаму додаваат дека инспекторите и редарите и понатаму ќе продолжат со казнување на прекршителите, но и со превентивно дејствување кај сите други што ги изведуваат своите миленичиња во Градскиот парк.

Според законот, покрај собирањето на изметот, предвидени се и низа други мерки до кои треба да се придржуваат сопствениците на домашни миленици, како што се носење маска, шетање со поводник, пријавување на милениците во ветеринарните амбуланти еднаш годишно и слично. Како што велат од градот Скопје, носењето сигурносни маски и поводници е пропишано со одлуката за комунален ред и, во согласност со овој акт, не се обврзани сите раси кучиња да носат маски, туку само поопасните раси и кучињата што покажуваат извесен степен на агресивност.

За да се унапреди хигиената во јавните парковски површини, а со тоа да се заштити здравјето на граѓаните, но и благосостојбата на животните, градот Скопје изгради две катчиња за домашни миленичиња во Градскиот парк и во паркот „Македонија“. Градските власти истакнуваат дека, според првите согледувања, резултатите се позитивни и сопствениците на кучиња многу често ги изведуваат своите миленичиња на направите за рекреација поставени во парковите.