Скопјани масовно купуваат маски против загадениот воздух

Како што расте концентрацијата на штетените Пм 10-честичките во воздухот, така расте и револтот кај граѓаните. Мерните станици низ Скопје веќе две недели покажуваат огромна загаденост на воздухот.

Аерозагадувањето стана хроничен проблем на Скопје.Измешан со грипот тој може да има катастрофални последици по човечкото здравје, велат лекарите. Расте бројот на пациенти на Клиниката за пулмологија.

Скопјани веќе тешко дишат. Се жалат на главоболки, печење на очите и носот. Се заштитуваат колку што можат.

Откако градските власти излегоа со препораки, пулмолозите советуваат да се користат заштитни маски и антиоксиданси и без потреба да не се излегува надвор.

Загадениот воздух ја зголеми побарувачката на заштитни маски низ аптеките и продавниците кои се специјализирани за нивна продажба. Нивната цена се движи од 200 до 899 денари, а најмногу се бараат тие со јаглен кои го прочистуваат воздхот и ги задржуваат ПМ10-честичките.

Цената за нив се движи од 190 денари (детски), 390 за возрасни и 530 денари за спортисти кои се најдебели и најнепропустливи.Во зависност од начинот на изработка цената на маските и на другите продажни места, отприлика, се движи до 1.000 денари.

Маските се со јаглен и чинат 899 денари, и има величини М, С, и Л. Има голем интерес за нив и бргу се трошат. Досега неколкупати набавуваме, но ги потрошивме, велат од една скопска аптека.

На социјалните мрежи, исто така, можат да се забележат зголемен број огласи на кои се нуди не само продажба на маски туку и прочистувачи на воздухот во просториите, но и боци со кислород.