Скопјани безмилосно ја трошат водата за пиење

Високите температури како по обичај условија зголемување на потрошувачката на вода. Како и секоја година така и оваа напразно останаа апелите на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за рационално користење на водата за пиење. Бројките покажуваат дека скопјани не знаат да штедат вода. Таа се користи за полевање тревници и градини, перење теписони во дворовите, перење автомобили, разладување на бетонските површини, полнење на базени...

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека oваа година најголема забележана потрошувачка на вода имало во јуни, 310.496 кубни метри за еден ден. Споредбено со податоците од минатите години, бројката е во границите на потрошувачката во летниот период.

– Претпријатието има доволно вода за задоволувањето на потребите на градот. Во зависност од природната хидролошка состојба на изворот Рашче, ако има потреба, во употреба се пуштаат и седумте бунари во бунарските подрачја Нерези и Лепенец. Што се однесува до потрошувачката на вода по жител, ако претпоставиме дека Скопје има околу 550.000 жители, може да се пресмета дека на секој жител му отпаѓа околу 560 литри на ден. Во оваа бројка се вклучени индустриските потрошувачи, државните и приватните базени, домашните бавчи и парковите и слично. Забележани се појави на несовесно трошење на водата, на пример за полевање зеленило и земјоделски површини, разладување улици и други ненаменски потреби. ЈП „Водовод и канализација“ препорачува во овие летни периоди водата да се користи рационално за потребите во домот, а да не се злоупотребува за неразумно полевање зеленило, разладување улици, полнење базени и други прекумерни потреби, бидејќи само на тој начин може да осигуриме дека ќе има доволно вода за сите, велат од „Водовод“.

Изградбата на бунари од кои може да се користи техничка вода за полевање на парковските површини е единственото решение за заштеда на пивката вода. Од претпријатието немаат податок колку е градот покриен со техничка вода. Апелот за рационално трошење на пивката вода кај дел од скопјани наметна прашање дали ако продолжи вака екстремно да се троши пивката вода летово, ќе се активираат и бунарите во Нерези и Лепенец и дали тие имаат доволно количество вода за снабдување на градот.

Оттаму немаат податоци за тоа колкава е покриеноста на Скопје со техничка вода, а за одговор на прашањето колку се користат бунарите за полевање на парковите упатуваат на општините.