Скопјанецот Изет Цури - од обичен кројач до познат моден дизајнер со светска слава

Изет Цури е реномиран моден дизајнер од Македонија, кој 40-тина години активно работи на француската модна сцена. Од скопски кројач станал светски познат моден дизајнер и направил бренд од своето име во колевката на модата - Париз. Соработува со најпознатите и најголемите имиња во модниот свет, како Хермес, Жан Пол Готје, Тјери Муглер, Азедин Алаја, Кристијан Лакроа, Шанел, Кло, а ги облекува најпознатите глумци, пејачи, манекенки, политичари, меѓу нив и Шон Конери, Жерар Депардје, Изабела Аџани, Кристофер Ламберт, Синди Крафорд, Наоми. Пред една година во Старата чаршија во Скопје, градот на кој смета дека му го должи тоа, го отвори Меѓународниот моден институт „Изет Цури“.

„Јас сум привилегиран зашто сум имал можност да учам занает кај најголемите мајстори во Скопје, а да работам со најголемите фирми во светот. Имав прекрасни мајстори кои ме научија на занаетот, но и ме наведоа да го засакам. Им должам на моите мајстори за она што што денес го знам – на мајстор Страхил Јакимоски-Цале, Благоја Ангелковски, Томе Малиновски.

Ќе се обидам преку овој факултет да им го  пренесам сето мое знаење и искуство на младите таленти во Македонија. Не гледам  зошто не би можеле да создадеме македонски модни парчиња кои ќе бидат познати ширум светот. Мојот сон беше да отворам Академија за мода во Скопје, градот каде што јас припаѓам. Оваа идеја е стара девет години, но, за жал, тогаш имаше многу малку заинтересирани за такво нешто.

Во земја како нашата, во која живеат 2 милиони луѓе, не можете да правите 50 дизајнери годишно. Затоа, прво се одлучив да отворам факултет во Косово, а во Скопје тоа се случи минатата година кога ме повика градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој одлучи да ми даде простории за да ја реализирам идејата за отворање Факултет за мода. Тоа ми беше доволно, бидејќи јас му должам  на овој град, на моите мајстори и на мајка ми која реши јас да бидам кројач“, ја почна својата приказна во разговорот за МИА, господин Изет Цури.

За Скопје и за рокенролот

Изет Цури пораснал во Скопје каде на само 14-15 години, по наредба на својата мајка, која по скопскиот земјотрес останала вдовица со осум деца, почнал да го учи кројачкиот занает. Почнал  кај  кројачот Страхил Јакимовски-Цале, а потоа и кај Благоја Ангелковски. Уште додека бил калфа кај мајстор Цале, на само 15 години научил да шие пантолони и кошули, па мајсторот кој не ги сфаќал сериозно тогашните музичари од групите „Ураган“, „Безимени“ и „Бисери“ (последниве две подоцна се споиле и ја формирале најпознатата група од тоа време- „Бис-без“), па ги препраќал кај него, тој да им шие облека.

Бидејќи првиот пат им ги згрешил кошулите, морал да се снаоѓа. Го земал материјалот кој неговата мајка си го имала купено за себе и на тогашните рокери им направил кошули со цветчиња. Тие толку многу им се допаднале што потоа сите скопски рокери почнале да носат цветни кошули. Шиел дури и за членовите на „Бјело дугме“ кои во 1976 година дошле да свират во Универзална сала и бидејќи се познавале со тукашните музичари, овие ги однеле кај Изет да им земе мерка.

И ден денеска, вели господин Цури, во контакт сум со Горан Бреговиќ кому му правев костими и во Франција.

Цури живеел во Чаир, но се дружел и одел по игранки со истите тие музичари на кои им ги шиел кошулите, па дури и свирел со нив. - Сите се дружевме меѓу себе, па со некои од нив се гледам и ден денеска. Научив да свирам по малку на ритам гитара и заедно со другите од групата „Ураган“, свирев на игранки. Бидејќи никој од нас не беше многу вешт, по малку им завидувавме на музичарите од „Бис-без“ кои беа вистински музичари. Ни беше криво затоа што беа подобри од нас. Како и да е, сите свиревме рокенрол, се смее тој.

Штом се вратил од војска, со својот другар Томе Малинковски, исто така ученик на Ангелковски и, како што вели, многу талентиран човек, отвориле работилница и бутик на тогашниот Булевар ЈНА.

- Беше тоа нешто ново, ем шиевме по нарачка, ем имавме за продажба и готови модели. Продавницата се викаше „Бони енд Клајд“. Повеќето од нашите муштерии, односно 99 проценти од нив, беа мажи. Во тоа време кај нас немаше модни списанија, весници и каталози. Се сеќавам дека имавме едно списание „Ел“ кое беше старо пет години, а ние, многу внимателно го разгледувавме и го шетавме од еден на друг уште цели три години. Во тој период решивме јас да одам во Париз и да донесам оттаму каталози и некои идеи. За моето патување се подготвувавме една и пол година. Беше комплицирано да се оди, а немавме ниту многу пари, но некако успеав да заминам, се сеќава Цури.

Во колевката на модата

Доаѓањето во Париз за Изет Цури претставувало голем шок.

- Многу списанија, излози, витрини, не ни замислував дека постои нешто такво. Ние бевме далеку од тоа. Сакав да видам што повеќе, но набргу, не знам како, останав без пари. Ме исфрлија од хотелот и ми го одзедоа пасошот. Отидов во тогашната југословенска амбасада каде имаше еден Македонец кој го знаеше мојот мајстор и кога слушна што се случило ми рече дека за мене нема да биде проблем веднаш да се најде работа.

Ме однесе кај еден негов пријател кој добиваше скроени работи од една фирма кои потоа требаше рачно да се состават и да се сошијат. Во работилницата имаше 7-8 работници и јас, и добивме една недела за да сошиеме капути кои потоа требаше да се испорачаат. Повеќето од моделите што ги шиевме беа вратени затоа што не беа добро направени, но мојот не беше меѓу нив. Напротив, набргу дојдоа од фирмата во која беа испорачани капутите и прашаа кој го шиел капутот кој го правев јас. Се исплашив дека нешто сум згрешил, но излезе дека жената која се распрашуваше е всушност директорка во познатата модна куќа Хермес, една од најголемите светски модни куќи, која сакаше да ми понуди работа.

Бидејќи не знаев ниту збор француски, на состанок во фирмата со мене дојде еден од тие кои шиеја со мене и ми преведуваше. Ме прашаа дали сакам да работам во Хермес и колку плата барам. Им раскажав дека не сум го платил хотелот и дека таму ми е останато се, и куферот и пасошот. Жената не однесе во нивниот ресторан и за само еден час, додека ние јадевме, стасаа мојот пасош и куферот. Се разбира, бидејќи не знаев колку плата треба да барам, оставив самите да ми ја одредат. По реакциите на оние кои слушнаа колкава е платата, знаев дека сум добил добра сума.

Оттаму ме испратија да учам јазик и да се обучувам. Секако, и самиот кога сфатив колку всушност не знам, инсистирав да учам. Останав во Хермес четири години, а цели шест месеци ми требаа за да и кажам на мојата мајка дека нема да се вратам. Во тоа време да се има автомобил и дуќан беше навистина ретко, па беше чудно што сакав да го оставам сето тоа за да останам во Франција. Немавме телефон, па за да се слушнам со мајка ми беше потребна цела процедура. Да испратиш телеграма, па да закажеш разговор, па таа да оди таму, во таа и таа кабина, па да зборуваме.

Кога ја добив и кажав дека сум решил да останам таа беше многу тажна. Никогаш не дојде да ме посети во Париз и ја мразеше Франција која беше виновна што нејзиниот син не се врати дома. Ми се налути и мојот ортак, но подоцна му објаснив како се чувствувам, му кажав дека сакам да одам напред и да учам затоа што колку повеќе гледав - се повеќе сфаќав колку малку знам. Отидов како кројач, но потоа научив многу работи. Дотогаш не знаев ништо за стиловите, ниту знаев што е класицизам, минимализам, авангарда и слично. Сето тоа го научив таму, но истовремено го имав добро научено занаетот и со тоа знаење од моите мајстори си ги отворив сите врати во Франција. Студирав за стилизам и за моделизам и се префрлив на женска конфекција, раскажува Цури.

Париската кариера

Вом Хермес ме третираа како принц. Речиси сите вработени беа на возраст од 50-ина години, а јас бев најмлад. Со оглед на тоа што Французите имаат комплекс на супериорност па мислат дека само тие знаат како треба, се чудеа како некој толку млад може да работи толку добро. Директорката беше од Романија, па кај неа, сепак, имаше некакви симпатии и пристрасност кон мене како кон сосед – Југословен, но, сепак, веднаш сфатив дека ако сакам да живеам таму добро, треба да работам два пати повеќе од Французите, а ако сакам да постигнам нешто – три пати повеќе.

Да ги прашате сега студентите од мојата Академија за мода, никој не би можел да го издржи тоа што јас го правев. Мене моите скопски мајстори ме научија дека кога некому ќе му кажам дека тоа што го шијам ќе биде готово, на пример, во 16 часот, во петок, ако не се стаса на време, значи не си мајстор. Во меѓувреме, завршив школо и добив некоја награда поради која ме викнаа да гостувам во француската ТВ Три. Кога ми телефонираа, мислев дека пријателите се шегуваат со мене, па им го побарав бројот и дури кога јас се јавив, се уверив дека навистина ме бараат оттаму.

Ме поканија да гостувам во емисија која траеше од 11 до 16-17 часот и им беше посветена на странци кои успеале во Франција. Ме викнаа да гостувам, но и да покажам своите модели, кои патем, јас ги немав. Им кажав дека не можам таа недела, туку дури по три недели од тогаш. Не знаев што да правам бидејќи немав толку пари за да можам да направам повеќе модели наеднаш, кои притоа не се нарачани од никого, но за среќа баш тогаш еден човек од Скопје кој работеше во градежништво, ми кажа дека уриваат некој хотел во кој имало убави црвени завеси од плиш.

Ме праша: ‘да не ти требаат штофови?’ Тоа беше навистина убав црвен театарски плиш, кој сепак најпрвин мораше да се носи на хемиско чистење. Ги земав завесите и од нив ја направив мојата прва колекција во која сите парчиња беа од црвен плиш. Згора на тоа, замолив една девојка која ја познавав да најде некоја другарка и двете да ги прошетаат моите модели пред камерите. Таа се согласи и направивме вистински бум. Сите беа воодушевени, критиките беа одлични, во стилот ‘се во колекцијата на Цури е чист барок‘. Јас немав поим што значи ова, ама со оглед на тоа што го имав на располагање, излезе барок“, се смее господин Цури.

Целара сторија прочитајте ја на МИА.