Скопјанецот Дарко во кинеското царство на панди (фото)

Магистерските студии во доменот на интернационалниот бизнис во Шангај, скопјанецот Дарко Смилевски, меѓу другото, ги надополни и со едно навистина несекојдневно и пред сѐ незаменливо искуство, волонтирање во најпознатиот кинески резерват за панди „Вулонг“.

Познато е дека поради ниската стапка на раѓање и илегалниот лов, популацијата на гигантските панди (Ailuropoda melanoleuca) е во исчезнување, поради што тие спаѓаат во најзагрозените животински видови на земјата. Во Кина пандата се смета за национално богатство, а за тоа каков е третманот на ова животно во кинеските резервати, за „Нова Македонија“ зборува еден од ретките, можеби и единствениот Македонец кој имал можност да биде волонтер во националниот природен резерват „Вулонг“.

- Како постдипломец во Шангај имав можност да го посетам националниот природен резерват „Вулонг“, кој е најстариот и најпознатиот резерват за панди во Kина. Резерватот се наоѓа во провинцијата Сичуан, чијшто главен град е градот Ченгду, познат како „град на пандите“. Уште при самото пристигнување во Ченгду, еден од поголемите градови во Кина, може да се забележи дека пандите се главната одлика и атракција. Излегувајќи од аеродромот, патоказите на улиците, рекламните билборди, украсните скулптури, па дури и внатрешниот дизајн на повеќето продавници се во знакот на големите панди. Инаку, пандите можат да се најдат само во три провинции во Кина - Сичуан, Санчи и Гансу, со тоа што околу 70 отсто од сите панди се населени во провинцијата Сичуан. Националниот природен резерват „Вулонг“ се наоѓа на околу два часа возење од главниот град Ченгду и уште при самото пристигнување ве остава без здив. Резерватот е распространет на над 200.000 хектари и е обиколен со голем број планини кои ги исполнуваат потребните услови за егзистенција на пандите. Во самиот резерват, каде што пандите се сместени во оделни „хотели со 5 ѕвезди“ (секоја панда има добро уреден двор со базен и своја соба каде што преспива поради големите жештини), постои опција да се аплицира за да се биде еднодневен волонтер и да се добие сертификат за негувател на панди. Јас аплицирав на нивната интернет-страница и имав можност да бидам волонтер во резерватот за панди, да се грижам и да научам многу нешта за овие мили и мирољубиви животни.

Дарко , моментално живеа во Шангај и е студент на магистерските студии на најпознатиот кинески универзитет – универзитетот „Џао Тонг“ (Jiao Tong University), на колеџот за економија и менаџмент „Антај“ (Antai College For Economics and Management).

-Моите постдипломски студии се во доменот на интернационалниот бизнис, се работи за двегодишна програма на студиите составена исклучиво од интернационални студенти. Оваа програма го привлече моето внимание поради големото реноме на самиот факултет, а потоа и поради можноста да се запознаам со растечката и огромна моќ на кинеската економија.

Гледајќи како поредокот на светот се менува пред нашите очи и увидувајќи дека Кина игра сè поголема улога во светски рамки, бев свесен за можностите кои се отвораат поради големиот број кинески инвестиции во Европа и во Република Македонија. Програмата ми дава можност да научам многу за структурата, културата и вредностите на кинеските претпријатија, како и за начините на кои тие го водат бизнисот. Со можноста одблиску да ја запознаам кинеската бизнис-култура можам да ги воочам големите разлики во однос на европската култура, и се надевам дека во иднина ќе можам да придонесам во бизнис-соработката на релација Кина - Република Македонија.