Сѐ е подготвено за најголемата кафеана на Балканот

Сѐ е подготвено за саботниот концерт на Мирослав Илиќ, закажан во „Метрополис арена“ во Скопје.

Стартот на концертот е во 21.00, а како и што веќе беше најавено прв на сцената ќе застане Ефто Пупиноски. Веднаш по него микрофонот ќе го преземе Мирослав Илиќ, човекот, кој токму од Скопје ќе ја почне славеничката турнеја „45 години јубилеј – 45 години музичка кариера!“

– Ако ви се игра – играјте, ако ви се пее – пејте! Добре дојдовте и на здравје! – вели Мирослав во поканата за дружба со македонската публика, односно славеничкиот концерт кој заради поводот – 45 години јубилеј, ќе биде со поразлична концепција и само со места за седење, односно aрената ќе биде претворена во една голема кафеана.

Предвидено е концертот или, како што вели Мирослав, најголемата боемска концертна забава, да трае неколку часа, со оглед на тоа дека Илиќ освен музичката поддршка од Ефто има подготвено уште неколку изненадувања. „Божанствена жено“, „Лажу да време лечи све“, „Волео сам девојку из града“, „Поздрави је, поздрави“, „Један дан живота“, „Зовеш ме на вино“, „Теби“, „Поломиќу чаше од кристала“… се само дел од темите што ќе се најдат на саботниот репертоар на Илиќ.