Сите прекрасни нешта имаат лузни и гребаници...

Совршенството е една навистина голема и навистина досадна лага. Никој од нас не поседува совршенство, ниту пак е совршенство. И никој никогаш не бил. Илузијата за совршенството е нешто коешто ни се продава со векови, но никогаш повеќе како во денешно време, кога сме бомбардирани со фотошопирани насловни страни и со начини на живеење кои се променети 1000 пати пред да бидат споделени со светот.

Вистината е дека позади целата таа шминка и средени коси, постои чисто лице и бушава коса и личност која е поеднакво ранлива како сите нас. Сите се будиме нежни и кршливи и сите ги делиме истите основни стравови и надежи и соништа. Ние сме многу послични отколку што мислиме, но никогаш не зборуваме за тоа, затоа што сите сме зафатени да бидеме луѓето кои не сме, луѓето кои и не ни се ни допаѓаат толку.

Но, што ако, барем за еден ден или барем за еден момент сите ги отфрлиме маските и престанеме да се преправаме? Да оставиме маските да паднат и да ги заборавиме селфињата и филтерите? Што ако бевме искрени за нашиот ден на статусите на Фејсбук и што ако твитавме 140 карактери несовршеност?

Она што ќе го видиме се милион различни начини на гледање на самите себе, огледало од мноштво на лица и чувства исти како нашите, секоја од нив како исказ на осаменоста која цвета во денешницата. Кога ќе престанеме да трчаме по неосвоивото, можеме да посегнеме по другиот и кога ќе посегнеме по другиот, тогаш ќе можеме навистина да се видиме едни со други.

И она што ќе го видиме е прекрасно.

Затоа што прекрасно е кога некој ви остава храна на вашиот куќен праг кога тагувате и кога нема да можете ни да станете за да отидете до фрижидер.

Затоа што е прекрасно е да ги дадете последните 5 денари на бездомникот кој стои на раскрсницата.

Затоа што прекрасно е да се возите цела вечер со оној со кого се гледате или пријател или сами, со спуштени прозори, додека гледате како небото и патот се спојуваат во темница која содржи се и ништо во исто време.

Затоа што прекрасено е кога прв пат ќе те допре, првиот пат кога ќе го изговори твоето име како воздишка, начинот на кој тоа трепери низ тебе, движејќи се во твојот крвоток.

Затоа што прекрасен е учителот кој доаѓа на работа секој ден, исфрустриран и разочаран од системот, а сепак наоѓа сила да им се насмевне на своите ученици, затоа што се уште верува во својата професија и се уште верува во нивната иднина.

Затоа што прекрасно е она самоуверено дете кое знае точно кој е и што е и одбива да се извини за тоа. Прекрасни се сите кои се мачеле кои се мачеле со тоа што не се онакви какви што светот мисли дека треба да бидат.

Затоа што да се биде прекрасен нема врска со сексипилот, јачината или прилагодувањето на некои идеални стандарди кои повеќето од нас не можат да ги достигнат и најверојатно никогаш нема.

Затоа што да се биде прекрасен значи да се прифати дека сите имаме маани и едноставно треба да ги сакаме баш такви какви што се. Да се биде прекрасен значи да ги гледаме нашите рани како приказни и да ги раскажуваме со гордост, сфаќајќи дека иако тоа се наши сопствени рани, сепак сите имаме слични приказни.

Прекрасни се сите наши лузни и гребаници, затоа што најскршените и најизгребаните делови од нас најчесто се и најдобрите, затоа што во нив се запишани сите работи кои сме ги научиле, здобивајќи се со нив сме научиле за што сме способни, за што е способна љубовта и што можеме да направиме без да се откажеме или да се предадеме.

Затоа што вие сте прекрасни. И тоа нема никаква врска со совршенство, туку има секаква врска со тоа кои сме ние навистина. Научете да го сакате она „несовршено јас“, затоа што тоа е најдобриот дел од вас и тоа е делот од вас кој го прави овој свет малку подобро и поубаво место за живеење.