Сите го сакаат Скопје

Скопје е центарот на животот и на богатството во земјава – останатите градови се развиваат побавно, а селата се напуштаат и уште повеќе осиромашуваат. Најсиромашно во тетовско и во штипско, најбогато во скопско, статистиката покажува драстични регионални разлики. Оттука не е изненадување зошто речиси сите сакаат во метрополата, коментираат експертите според кои за подобрување на состојбата се потребни сериозни инвестиции и долгорочни стратегии.

Речиси половина економија сконцентрирана во Скопје

42.6% од сите економски активности се одвиваат во главниот град, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Бруто домашниот производ по региони (БДП) е распределен на следниот начин: Скопски 42.6% (3.475.040.650 евра), Пелагониски 11.3% (919.186.991 евра), Југоисточен 9.2% (751.398.373 евра), Вардарски 8.2% (670.894.308 евра), Источен 8.1% (657.707.317 евра), Југозападен 7.8% (640.292.682 евра), Полошки 7.5% (613.577.235 евра), Североисточен 5.3% (432.731.707 евра) или вкупно 100% (8.160.829.263 евра).

Бидејќи Скопскиот регион има најмногу жители логично е да има и најголемо учество во вкупното стопанство, но и анализата на БДП по глава на жител (просечното производство по човек) покажува дека луѓето во главниот град создаваат и најголема додадена вредност – БДП по глава на жител по региони е: Скопски 5.673 евра, Пелагониски 3.955 евра, Југоисточен 4.333 евра, Вардарски 4.371 евра, Источен 3.689 евра, Југозападен 2.906 евра, Полошки 1.929 евра, Североисточен 2.462 евра или вкупно 3.953 евра по глава на жител. Во главниот град економската активност по жител е 43.5% над, а во Тетово и Гостивар 51.2% под државниот просек. Покрај Скопскиот само Вардарскиот и Југоисточниот регион со 10.6% односно 9.6% се над просекот, а Пелагонискиот е точно на исто ниво со просекот во државата.

Највисоки плати за скопјани, најниски за кочанчани и виничани

Продуктивноста и економската развиеност се рефлектираат и на платите. Највисоки примања имаат работниците од Скопскиот регион, просечно во 2015-та изнесувале 26.861 денари месечно. Сите останати се под државниот просек кој бил 21.906 денари.

Најниски примања има Источниот регион, платите се по 16.278 денари. Нешто подобро стојат Североисточниот и Југоисточниот, со примања од по 16.848 односно 16.946 денари. Во Вардарскиот регион просечната нето плата изнесува 17.402 денари, во Југозападниот 19.670, а во Пелагонискиот и Полошкиот 20.222 односно 20.620 денари.

Дали странските инвестиции ќе ги намалат разликите?

Токму пониските плати надвор од Скопје се една од главните причини поради која странските инвеститори се почесто се одлучуваат да отворат погони во внатрешноста. Фабриките со најмногу вработени се во Кавадарци (Дрекселмајер), Битола (Кронберг и Шуберт), Штип (Џонсон Контролс).

„Многу е важно што компаниите кои инвестираат не се фокусираат само во Скопје, туку во повеќе градови, а тоа овозможува младите да се задржат тука. Инвестирањето на странските компании многу влијае за намалување на невработеноста, а со намалувањето на невработеноста доаѓа зголемувањето на платите“  изјави неодамна првиот човек на Дирекцијата за слободни економски зони, Виктор Мизо.

Статистиката покажува дека една третина од сите компании се регистрирани во главниот град. Според ДЗС, во скопскиот регион има речиси 27 илјади фирми, следи пелагонискиот со нешто над 8 илјади, па југозападен и полошки со по околу 7 илјади, источен и вардарски со по пет и пол илјади, а на последно место е североисточниот регион со нешто над 4 илјади регистрирани компании.

Скопје предничи и по бројот на ново регистрирани фирми. Во 2014-та (последни податоци) во главниот град биле отворени 2.660 компании. Најмалку нови деловни субјекти има во североисточниот регион, само 400.

Според експертите останува уште многу да се направи на ова поле – преку подобрување на инфраструктурата, но и преку директни стимулации за инвестирање во посиромашните подрачја.

„На тој начин ќе се постигнат повеќе ефекти – рамномерен регионален развој и ќе се спречи миграцијата на населението кон урбаните центри пред се кон Скопје каде повеќето претендираат да најдат работно место“, изјави неодамна универзитетскиот професор Зоран Ивановски.