Систем за самоизнајмување на велосипеди во Скопје

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ ја отвори сезоната на изнајмување велосипеди, електромобили и електротротинети.

Од претпријатието велат дека начинот на изнајмување и цената за користењето ќе бидат исти како и лани. За возење со електромобил ќе треба да се плати 50 денари за билет, додека цената за изнајмување на електротротинетите е 100 денари од час.

Возилата ќе можат да се изнајмуваат на пунктот на „Градски паркинг“ на плоштадот „Македонија“. Електротротинет ќе може да изнајми секој граѓанин над 18 години. Електромобилите пак, кои имаат капацитет за 4 лица, практично се еден вид возила за разглед на Скопје со возач.

Цената за изнајмување велосипед ќе остане 10 денари од час. Скопјани ќе треба да приложат само лична карта или друг документ за идентификација за да изнајмат велосипед на еден од петте пунктови. Еден има во катната гаража кај поранешен Цветен пазар, на паркингот кај некогашна „Треска“, пункт има и кај Градска болница, на паркингот кај некогашна Воена болница, како и на паркингот на „Градски паркинг“ кај ТЦ „Бисер“. Изнајмувањето ќе може да се врши од 9 до 21 часот.

Се подготвува систем за самоизнајмување

Во претпријатието подготвуваат проект за самоизнајмување на велосипедите. Практично, тоа значи да се набават велосипеди со електричен магнет кои ќе можат да се изнајмуваат исклучувајќи го човечкиот фактор. Имено, тој што сака да го најми велосипедот да си плати (кеш, со жетон, картичка…) и велосипедот автоматски да се отклучи.