Сиромаштија - како да се излезе од кругот?

Во Македонија над 450 илјади граѓани живеат во ризик од сиромаштија, покажаа податоците на Државниот завод за статистика објавени неодамна. Дали бројката е реална, и зошто и покрај мерките што се преземаат не се видливи поголеми резултати во нејзиното намалување? Промени во пристапот мора да има доколку сакаме системско и долготрајно решавање на проблемот, смета професорката Маја Геровска Митев од Институтот за социјална работа и социјална политика. 

Обезбедување повисок и континуиран економски раст со можност за отворање нови работни места, подобрување на системот на социјална заштита, бидејќи во моментов тој преку она што го исплаќа како поддршка за сиромашните всушност директно ги остава да живеат во сиромаштија, комбинирање социјалната парична помош со други мерки за поддршка, како и насочување на поголеми средства кон оваа категорија граѓани, според неа, се дел од мерките кои можат да доведат до промена или барем некакво придвижување кон подобро.

Бројките, смета, во голем дел реално ја претставуваат сликата со сиромаштијата, иако, вели, добро би било да се комбинираат два методи за пресметување. Во Македонија ДЗС користи анкета за остварени приходи, а можеби пореална слика би дале информации за расходи, или комбинирање на двата метода. 

Од статистичките податоци може да се види и дека стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери изнесува 41,6 проценти, пред социјалните трансфери со вклучени пензии 25,7 проценти и по социјалните трансфери од социјалната заштита 21,8 проценти

- Социјалните трансфери во сите земји имаат висок учинок врз намалување на сиромаштија, кај нас проблемот е што сите останати социјални трансфери, имаат многу мал учинок, односно во 2016 година ја намалиле сиромаштијата за 3,9 проценти. Нема ефективност. Тука треба да се фокусираме, иако не велам дека само со подобар систем на социјална заштита треба и може да ги подобриме состојбите со сиромаштија, вели професорката од Институтот за социјална работа и социјална политика.

Повисок економски раст и нови работни места

- Европските искуства говoрат дека ризикот на сиромаштија е помал во земји во кои има континуиран висок економски раст. Тоа е клучен предуслов, но треба да биде придружен со правично оданочување, односно даночниот систем да не е наклонет кон оние кон оние кои имаат повеќе приходи, туку кон оние кои имаат помалку, вели професорката.  

Додава дека е потребна комбинација на економски раст, добар даночен систем, добра образовна политика, но и волја системот за социјална заштита да биде насочен кон ранливи категории. Сето тоа, вели е она што ќе резултуира со подобри состојби.

- Прво нам ни е потребен поголем економски раст, продуктивност и нови работни места за да се намали процентот на лица кои живеат во ризик од сиромаштија, затоа што најголем дел од нив се невработени. Ние тоа не може да го подобриме само со систем на социјална заштита, туку со нови работни места за да можат тие да остварат приходи, вели Геровска Митев.  

Унапредување на системот за социјална заштита

Во моментов, смета професорката, во Македонија има систем што со она што го исплаќа како поддршка за сиромашните, всушност директно ги остава да живеат во сиромаштија. 

- За да добиете право на социјална парчна помош како основен инструмент кој влијае на намалување на сиромаштија, треба да имате приходи под одредена утврдена граница, а тие средства заедно со тоа што системот го исплаќа се под 6.800 денари по лице. Тоа повторно значи ризик од сиромаштија и значи дека самиот систем ве држи во сиромаштија, вели професорката.

Причината, вели, е дека доколку се дадат повеќе средства ќе се надмине нивото на дозволени приходи и ќе се изгуби помошта. Затоа, смета, треба да се работи на тој план, покрај нејзиното усогласување со реални индикатори на трошоци, или усогласување со плати, да се отвори системот на социјална заштита и да се направи поинтегративен меѓу различни права. 

Кај нас, како дополнителни права можат да се користат надомест за енергетска сиромаштија од околу 700 денари месечно и условен паричен надоместок од 1.000 по дете во средно училиште. Други права, и системски мерки, потенцира, системот не обезбедил.

Дополнителен проблем, смета Геровска Митев, е тоа што многу пари од социјалната заштита, се одлевале и се одлеваат кон лица од повисоко приходните групи, а не кон оние со пониски приходи и притоа како пример посочува на средствата кои се издвојуваат за трето дете.

- Сите семејства кои имаат трето дете ги добиваат средствата. Се поставува прашањето зошто не се намалува стапката на сиромаштија кај оваа категорија домаќинства, кога половината од нив живеат во сиромаштија. Тоа е затоа што ваквата поддршка не ја користат само оние кои таа им е потребна, бидејќи често тие не ги знаат своите права, туку секое семејство кое има трето дете, вели професорката.

Зголемувањето на висината на финансиската помош што сиромашните ја добиваат од државата, според неа, е битен момент во справувањето со проблемот.

- Во Македонија, како и во некои други држави во опкружувањето, државата е таа која одлучува колкава ќе биде висината на социјалната парична помош. Таа основица ја дефинира Владата и не е поврзана со некој реален индикатор, ниту со линијата на сиромаштија, ниту со потрошувачка кошничка. Првиот чекор, ако постои политичка волја, треба да биде висината на помошта да се поврзе со некоја од овие референтни ставки, а натаму да се одлучи како соодносно таа ќе се зголемува според број на членови на домаќинствата, потенцира таа.

Вели дека изминатите години имало зголемување на паричните права од системот на социјалната заштита за лицата кои имаат здравствени проблеми или некаков вид попреченост, и оти тие го следеле трендот на потреба од повисоки средства, но дека само паричните надместоци кои се поврзани со оние кои се работостпособни, а немаат вработување или имаат ниски приходи, не го пратат тој тренд во однос на приходите. Затоа, вели,  тука постои простор за зголемување.

Ова особено, како што потенцира, поради фактот што е стеснет кругот на можни злоупотреби на ова право. На почетокот на деведесеттите, според неа, имало голем број злоупотреби, но сега поради законските измени и измените на начинот на кој може да се оствари ова право, до максимум е стеснет кругот на лица кои можат да имаат пристап до социјалната парична помош.

- Во минатото  86 илјади домаќинства користеа социјална парична помош, а во моментот околу 26 илјади. Ако сме сигурни дека сега навистина ова се луѓето кои живеат во сиромаштија тогаш е недозволиво да останат само на тие приходи, вели професорката.

Проблеми со остварувањето на правата од социјалната заштита

Намалувањето на бројот на корисници, вели, не значи оти проблемите со сиромаштија се решени, за што во прилог одат и статистичките податоци за сиромаштија.

Според неа, има категории граѓани кои заглавуваат во системот и не можат да ги остварат своите права. Како пример посочи земјоделец кој има над 4000 м2 производно земјиште, а нема години возраст, ниту реално може  да го управуваат и обработува, а администртивно не го исполнува условот да добие помош токму поради имотот. Ваквите и слични бариери, со кои се соочуваат граѓаните, треба да бидат отстранети

Кој е профилот на корисници на правата од социјалната заштита

Ако го идентификуваме профилот на лица кои живеат во сиромаштија, корисници на овие права, вели професорката Геровска Митев, тоа се најчесто долгорочно невработени, кои изгубиле секаква работна компетенција,  завршиле нешто што веќе не се бара, се повозрасни, или пак нивната работна мотивација не е како на пример кај младите кои бараат работа. 

Повеќе од половина од невработените, вели, се со некомплетирано основно или средно образование. Затоа, според неа, потребно е да се размислува и да се најдат решенија како да се активираат овие лица, дали со докфалификации, или прекфалификации, иако, признава е макотрпен процес.

Дали статистичките бројки се одраз на реалноста и може ли врз нив да се гради стратегија за справување со сиромаштијата?

Секоја држава си одбира свој модел на проценка согласно своите специфики. ДЗС до 2010 официјално мереше сиромаштија врз основа на тоа колку некое семејство потрошило, а колку примило средства, затоа што се сметаше дека во услови на сива економија и непријавување на реални приходи тој метод е порелевантен.

Но, вели, кога ја меревме според расходи, не бевме споредливи со Европската унија и заради тоа го сменивме методот. Комбинацијата, смета би била најдобра, но потенцира, тоа финансиски многу чини.

- Кога вршев истражувања во почетокот на 90-тите, на анкетниот прашалник колку заработувате, одговараа околу 3-4.000 денари, а на прашањето колку трошите, велеа над 300-400 евра. Тоа кажува повеќе. Луѓето не ги имаат во рака приходите, нешто приработуваат за да го дополнат својот буџет или снаоѓаат за да преживеат,  вели Геровска Митев.

Во секој случај, истакнува таа,  треба да се напомене дека анкетата се прави врз основа на прашалници, а не врз основа на административни извори за сиромаштија и да се има предвид дека 40 проценти од испитаниците не сакале да одговорат на прашањата.

- Индикативно за мене е што има голем број луѓе кои не одговориле на прашалникот. Односно тоа не го направиле 40 проценти од граѓаните. Тоа не ја намалува репрезентативноста во голема мерка, бидејќи во Македонија и 1.500 е репрезентативен примерок, а оваа анкета се прави на 5.000 испитаници. Сепак 40 проценти не ги ни примиле анкетарите, што говори дека одредени податоци треба да се примат со претпазливост, истакнува професорката Геровска Митев. 

Според објавените подтоци на ДЗС зголемување на стапката на сиромашија во однос на претходната година има за 0,3 проценти, кога сиромашни биле 21,5 отсто од населението или 445.200 илјади граѓани. Коефициентот „Gini“, кој е мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите изнесува 33,6 проценти.

Славица Стефановска

фото Фросина Насковиќ

МИА