„Синедејс 2015“ се отвора со македонска премиера на филмот „Три дена во септември“

Фестивалот на европски филм „Синедејс 2015“ се отвора на 12 ноември во скопското кино „Милениум“ со македонска премиера на дебитантскиот филм на Даријан Пејовски „Три дена во септември“, а Фестивалот на 21 ноеври ќе го затвори филмот „Шишка делукс“ на Јан Цветковиќ, кој е словенечко-македонско-чешка копродукција. Филмот на Пејовски е во селекција за една од наградите во Официјалната програма.

И овој пат, „Синедејс“ има редовни гости, персонал, филмско мени, музика, но и борба против стигмата за т.н. здодевен европски филм.

– Денес, кога сè е реално шоу, и вестите од воените жаришта, и смртта, и свирепите и „обичните“ убиства, и трагичните по обем незапаметени преселби и илјадниците милји повторно поставена бодликава жица, и семејството, и најдлабоката интима…, го креваме кроткиот, тивок „Синедејс“- спротивност на реалните шоуа, парадата, фанфарите, китењата, полуписмените старлети, политикантските и медиумските барбики – окупатори на сиот јавен простор. Смогнете сили и елајте на „Сиендејс“ истапете од погореповиканите! Денес, велат за „слободниот“ свет, битисувајќи критичен, интелектуален, бунтовен, и жив, е опасно, и демоде! Бидете демоде!“ – вели Златко Стевковски директор на МКЦ.

Годинешниот 14. Синедејс  нуди повеќе од стотина филмови селектирани во неколку програми, Официјална програма, СинеБалкан, Гала Програма, Музички документарци, Летонски и Македонски кратки филмови и богата придружна програма од работилници, концерти, панел дискусии.

На менито во Гала програмата, се најнаградуваните и најпознатите режисери во 2015 година: Томас Винтерберг со „Далеку од безумната толпа“, Сузан Биер со „Втора шанса“, Паоло Сорентино со „Младост“, Матео Гароне со „Приказна над приказните“, Александар Сокуров со „Франкофонија“, Никита Михалков со „Сончаница“, Вим Вендерс со „Сè ќе биде во ред“ и тоа во 3Д, Нани Морети и „Мојата мајка“, Гаcпар Ное и контроверзниот „Љубов“, како и редовниот гостин во Вуди Ален со неговиот последен филм „Ирационален човек“.

– Секако, не ќе бевме категоризирани како сериозен хотел доколку немаме и сериозни гости, како годинешниов кански победник „Дипан“ на култниот Жак Одијар со гости – главните актери од филмот! – вели Стевковски.

Во Официјалната програма и програмата СинеБалкан ќе бидат прикажани филмови на млади режисери за кои слободно може да се рече дека се дел од иднината на европската кинематографија. Во овие селекции, има гости од секој филм, кои ќе и бидат достапни на публиката за разговор по проекцијата.

– Новитет е и воведувањето на финансиски награди за најдобрите филмови, што подобро нè позиционира како сериозен фестивал во европски рамки. На „Синедејс“ ќе се случи и Меѓународна панел дискусија на темата: Миграции, со професори по социологија, политички науки и филм од регионот и Европа, на која ќе се дискутира за актуелните прашања поврзани со напливот на емигранти од блискиот Исток. Темата не е филмска, но е актуелна, а „Синедејс“ како ангажиран фестивал треба да поставува прашања – вели Маргарита Арсова, координатор на фестивалот.

На 14. издание на „Синедејс“ на менито има егзотични филмови – ревија на специјална селекција на индиски и ирански филм.

„Синедејс 2015“ има богата понуда на музички документарци, а и богата придружна програма на музички настани.

– Филмскиот мегахит за прерано починатата Еми Вајнхаус, кој веќе ги полни кино салите ширум светот, „Страста и звукот во Западен Берлин 1979-1989“ – филм, кој музички ја опишува последната декада во овој град пред конечното паѓање на ѕидот, имаме и светска премиера на филмот за македонската хип хоп сцена насловен „Сложувалка“, потоа последниот документарен филм посветен на култната музичка група Morphine, насловен како „Патување од соништа“, гледан низ призмата на двајцата преостанати членови од бендот. Куриозитет е филмот „Кучешко срце“,концептуален филм на големата Лори Ендерсон кој ќе го прикажеме веднаш по премиерата на фестивалот во Венеција во септември– вели Владица Младеновски – Грга, музички уредник на фестивалот.

Забавата на гостите во хотелот „Синедејс“ е со дефинирана концертна понуда. Британски тек хаус диџеј Тери Френсис настапува на 13 ноември, легендарниот хип хоп артист Диџеј Премиер е на 16 ноември, а за љубителите пак на инди-рок музиката, во програма е и концерт на монтреалскиот дистописки арт-панк колектив SUUNS и Jerusalem in my Heart.

И оваа година има конкурс за филмска критика на кој може да учествуваат сите гости – заинтересирани до 35 години. Текстовите не треба да се подолги од 1 страница, а секој од пријавените може да испрати не повеќе од три рецензии за филмовите од репертоарот на официјалната селекција и „СинеБалкан“.

Сите заинтересирани може да се пријавуват на contact@cinedays.mk  најдоцна до 11 ноември, а потоа доаѓа следната фаза гледање филмови и пишување рецензии. Најдобрите добиваат награди.

Цената на билетите е 150 денари за проекциите во Кино „Милениум“, со исклучок на филмот на Вуди Ален „Ирационален човек“ за кој билетот чини 300 денари, потоа 100 денари за програмата во кино „Фросина“, а проекциите во Џебно кино се бесплатни. Годинава за средношколците и студентите ќе има попуст од 50 денари на секој билет.