Синдикатот на машиновозачите бара изземање од ограничувањето за надоместоци на плата

Независниот синдикат на машиновозачи се надева дека машинскиот персонал и службите ќе бидат изземени од владината уредба за ограничување на наплатата на надоместоци и додатоци на плата.

Синдикатот во денешното соопштение наведува дека од првиот ден на вонредната состојба без прекин се одвива железничкиот транспорт на стоки.

– Ако се земе предвид дека железничкиот сообраќај, за разлика од камионскиот, е единствениот кој во овие услови го извршува меѓународниот, како и домашниот транспорт на стока со што допринесува за одржување на економијата и полнење на буџетот зачудува како машинскиот персонал и службите кои го опслужуваат, не е награден, најмалку изедначен со здравствените работници, министерството за внатрешни работи и одбрана, велат од Синдикатот.

Додаваат дека доколку не бидат изземени од оваа уредба, ќе биде доведено во прашање нормалното одвивање на железничкиот сообраќај.