Силно полициско обезбедување од редовната и специјалната полиција во центарот на Скопје

Под силно полициско обезбедување од редовната и специјалната полиција, во Основниот суд Скопје 1 денес започна судскиот процес против 29 обвинети за настаните во кумановската Дива населба во мај минатата година.

Движење на редовната и специјалната полиција може да се забележи на повеќе места во центарот на градот.

Обвинетите се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” од чл. 394-а и „тероризам” од чл. 394-б од Кривичниот законик.

На 7 декември минатата година сите 29 обвинети лица за тероризам пред Советот од судии од Основниот суд Скопје 1 се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото „тероризам“.

На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.  Убиени беа и десет лица од вооружената група.