Кога за некоја жена ќе се каже дека е љубовница на зафатен маж, обично за неа се мисли се најлошо: расипикуќа, завела чесен човек и сака да го раздели од неговата сопруга и деца. Точно е дека има жени кои размислуваат во насока на тоа дека тоа што е тој оженет тоа е негов проблем, но денес не зборуваме за таквите, туку за оние кои искрено се заљубиле во човек кој има жена, а неретко и деца.

Каков е нивниот живот? За разлика од „оние разгалените, кои само сакаат да уживаат“, оние кои се искрено заљубени немаат ништо против да се грижат за својот маж – да му готват, перат и да имаат деца со него. Само предоцна влегле во нивниот живот. Тие патат уште од самиот почеток на врската, затоа што знаат дека тоа што го прават е погрешно и дека нема никаква перспектива. Можеби тој дури и ветува дека ќе се разведе, но најверојатно нема да го направи тоа.

Љубовницата не може да биде нервозна, нерасположена, да ја боли глава. Може, но ќе биде оставена. Тој со неа секогаш ќе биде свежо истуширан, намирисан, ќе ја води на убави места, но и таа мора да биде расположена и насмеана. Тој викендите и празниците ќе ги поминува со своето семејство. Таа е осудена откажување состаноци во последен момент, секојпат кога ќе излезе нешто.

Тој има деца. Таа најчесто ги нема, евентуално е омилената тетка. Тие кои знаат дека се гледа со оженет маж, ја гледаат со осудување или сожалување. Кога после некое време ќе почне да размислува за својот и неговиот живот, таа сфаќа дека неговиот живот со неговото семејство постојано се развива, додека нејзиниот стагнирал и дека годините си летаат. Доколку сопругата дознае за таа врска и постави ултиматум од типот „или таа или јас“, најверојатно љубовницата е таа која ќе изгуби на крајот.

На крајот, ако искрено љубела, љубовницата можеби и не жали. Сепак, останува сама, додека покрај него останува сопругата и децата за да бидат покрај него во староста.

Перспективата на љубовницата е навистина мрачна и депримирачка, а сепак секоја од нив се надева дека баш во нивниот случај, работите ќе бидат поинакви.