Што ви е потребно ако сакате да отворите фирма во Македонија

За да регистрирате ДООЕЛ или ДОО, прво што треба да направите е да одредите назив на трговското друштво што сакате да го регистрирате и да извршите проверка на називот. Дали таков назив веќе постои?

Основање на трговско друштво

Прв чекор

За да регистрирате ДООЕЛ или ДОО, прво што треба да направите е да одредите назив на трговското друштво што сакате да го регистрирате и да извршите проверка на називот. Дали таков назив веќе постои? Проверката се прави на еден од шалтерите во Централен регистар на Р.Македонија.

 Втор чекор

Согласно Законот за трговските друштва  за да регистрирате ДООЕЛ или ДОО потребно е да внесете влог од 5000 евра во денарска противвредност. Влогот може да биде паричен или непаричен (во основни средства). Доколку се работи за паричен влог се врши уплата на депозитна сметка (на привремена сметка на друштвото) и уплатницата служи како доказ за вложените средства.
Доколку се работи за непаричен влог се врши проценка од овластен судски проценител кој изготвува извештај за проценка на предмети вложени за основање на трговското друштво.

Трет чекор

Акт (договор) за основање трговско друштво. Во случајот на ДООЕЛ тој акт се заменува со изјава за основање на трговско друштво ДООЕЛ. Договорот треба да ги содржи следните податоци:
1) фирмата и седиштето на друштвото;

2) предметот на работењето на друштвото;

3) името и презимето, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта ако содружникот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, МБС, ако содружникот е правно лице;

4) износот на основната главнина;

5) денот на склучувањето на договорот за друштвото, односно денот на потпишувањето на изјавата за основање на друштвото;

6) времетраењето на друштвото ако тоа е определено со договорот за друштвото или со изјавата за основање на друштвото;

7) името и презимето на управителот, на членовите на надзорниот одбор, односно на контролорот, ако друштвото има орган за надзор, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење;
8) овластувањето за застапување на друштвото и

9) интернет страница ако друштвото има ваква страница.

Четврти чекор

Должност е да пополните Изјава по член 29; 32; 35; 183 од Законот за трговски друштва. (стр.15;17;19;68,)
Во изјавата по член 29 треба да наведете дека не постојат ограничувања за основање на трговско друштво односно:

– не постои правосилна судска одлука со која е утврдено дека со умисла е предизвикан стечај

– не е во тек стечајна постапка

– не постојат обврски по основ на неплатени даноци и придонеси

– не сте содружник или член во орган на управување во друштво чија сметка е блокирана

– и не постојат други ограничувања содржани во ЗТД или друг закон за основање на трговско друштво.
Во изјавата по член 32 треба да ги наведете дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со изјавата треба да потврдите дека друштвото сте го основале во согласност со законот и податоците содржани во прилозите коишто ги поднесувате кон пријавата за упис на основањето во трговскиот регистар се вистинити и се во согласност со законот.

Согласно член 35 во договорот за друштвото се внесува фирмата, називот, односно името на лицето кое го внесува непаричниот влог, подробен опис на непаричниот влог и неговата проценета вредност изразена во пари. Овластениот проценител изработува извештај за проценетата вредност на непаричниот влог.

Согласно член 183 точка 7 секој управител на друштвото дава изјава заверена кај нотар дека го прифаќа изборот.

-Договор за утврдување и спроведување на непаричен влог-Изјава по член 29,32,183 т.7

-Изјава за сопственост-Полномошно

Петти чекор

Писмо за намера за отворање на прва сметка од банка. Писмото се зема од банка по ваш избор (Банки во Р.Македонија).

На шалтер во банката која сте ја избрале може да дадете еден од документите на кој го има називот на трговското друштво што се регистрира и да побарате писмо за намера за жиро сметка. Истото ќе го добиете веднаш без паричен надомест.

Шести чекор

Се пополнуваат: образец ЗП (заверен потпис) и образец ПО (пријава за упис на основање на субјект во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица).Пример на пополнет образец ЗП и пример на пополнет образец ПО

Во случај на промени во образците откако е издаден овој водич истите може да се превземат од интернет страната на централен регистар www.crm.org.mk

Образецот ПО се пополнува електронски или на машина за пишување, јасно и читливо без примене на непознати кратенки, прецртување, бришење и додавање. Пополнетиот образец не смее да се пречукува и препечатува.

Седми чекор

Заверка на нотар. Заверка се врши на актот (договорот) за основање трговско друштво, образецот ЗП, полномошното, и на изјавата по член 29; 32 и 183 точка7 од Законот за трговски друштва. Заверката се наплаќа 200 денари од документ.

Осми чекор

Фотокопија од пасош или од лична карта ако основач е физичко лице или од друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја, односно доказ за регистрација ако основач е правно лице.

Деветти чекор

Уплата на 5100 денари на жиро сметка на централен регистар на Р.Македонија.

Според тарифата на централен регистар и измените на тарифата од 14.02.2005 год. и измените на тарифата од 18.11.2005 уплатата е за: упис во регистар за ДООЕЛ 3.400 денари, едношалтерски систем 1.500 денари и објавување на web 200 денари (откако ќе биде завршена регистрацијата се објавува на интернет страната www.crm.com.mk во делот последни објави).

Десетти чекор

Поднесување документи во Централен регистар. Управителот на друштвото со ограничена одговорност лично или лицето што има полномошно ги предава документите во централен регистар. Покрај образецот за упис како прилози се поднесуваат: ЗП образец (види чекор 6); изјава согласно член 29 од ЗТД (види чекор 4); акт за основање (види чекор 3); фотокопија од документ за идентификација; изјава согласно член 32 од ЗТД (види чекор 4); извештај од проценувач, доколку има непаричен влог (види чекор 2); доказ за уплатена основна главнина, доколку има паричен влог (види чекор 2); одлука за избор на управител (види чекор 4); изјава на управителот дека го прифаќа изборот (види чекор 4); доказ за уплатен надоместок согласно тарифа на централен регистар; полномошно, доколку има полномошник (види чекор 4).

Единаесетти чекор

Проверка дали е извршен уписот. По три дена може да извршите проверка на интернет страната www.crm.com.mk во делот последни објави.

Преку едношалтерскиот систем за регистрација, се обезбедува:

– Определување и доделување на единствен матичен број на субјектот на упис и определување на шифра и назив на регистрираната претежна дејност според Националната класификација на дејности и шифра на организационен облик на субјектот на упис

– Внесување на единствен даночен број

– Внесување на сметка од деловна банка по избор на субјектот на упис

– Известување на Царинска управа за субјектите кои што имаат регистрирано дејност во надворешен промет.

Дванаесетти чекор

Откако е завршена регистрацијата документите ги подигате од Централен регистар. Документите може да ги подигне или овластен полномошник или управителот лично.