Што се случи со изградбата на базените во општина Карпош?

Скопје требаше да добие еден куп нови базани. Така барем и беше ветено на скопјани. Еве пример за тоа: Завчера поминаа точно две години откако градоначалникот на Карпош Стефан Богоев на неколку дена пред локалните избори најави дека на подрачјето на општината ќе се изградат три реонски базени.

- Нашата цел е на овој начин да го вратиме здравиот живот и здравиот дух кај сите карпошани. Најмладите ќе може да го користат за спорт и рекреација, како и за нивно правилно градење и растење, а повозрасните карпошани да може да се одржуваат во здрав дух и да се одржуваат во здрава кондиција, порача тогаш Богоев.

Карпошани сакајќи да пливаат го изгласаа за градоначалник. По доаѓањето на власт, се спомнуваа дури и локациите и започнатите процедури за градби на базените, во ОУ „Јан Амос Коменски“ и во други училишта. Но, еве две години поминаа, ама пливање нема.

Годинава, во април, добија и ново ветување: дека во Карпош ќе биде изграден еден од вкупно 14 базени кои што Агенција за млади и спорт ќе ги направи во повеќе општини во земјава. Поминаа и од тогаш шест месеци, а и од овој камен-темелник нема ни трага, ниту нова најава за некој нов рок.

Штета. Помина и ова лето, а карпошани не попливаа.

Штета, дел од учениците, посебно, оние на помала возраст и натаму си имаат проблеми со искривени грбови, со разноразни други деформитети, а можеа тоа со пливање да го корегираат.

Штета во Карпош сигурно има многу таленти за пливање…

Засега останува само да се очекува дека во следните две години од мандатот, градоначалникот ќе го оствари ветеното. И секако, дотогаш да си ја гледаме имагинарната фотографија од базен, која и се делеше на карпошани пред изборите.

СкопскоЕхо