Што се прави во градските автобуси во Скопје, до кој степен одат луѓето

Кога утрото ќе се разбудиме, а мораме да одиме со градски превоз, имало зошто сме родени. Дека ова е помалку саркастично, тоа најдобро го покажува искуството на луѓето кои секое утро дозата на фрустрација, но и инспирација, ја добиваат, додека од точката А до точката Б на работа патуваат на пример со деведесет и петка, но ги користат и сите други линии за да стигнат ваму-таму.

Се разбира не би било фер да се спомене дека понекогаш, многу ретко во превозот влегувате и од него излегувате нормални.

Тешко да среќници може да се наречат оние кои не ги познаваат сите стискања и штипкања преку јакните, дишењето во врат, пцовките, кавгите, туркањето со лактови, укорливите погледи, промајата, допирите, контролата и комуналците, музикантите со шешири и мајките со бебиња кои бараат ситно за млеко. Тие веројатно се среќните, но и сиромашни за богатствa на одраз во секојдневниот филм во автобусите, во општеството.

Додека станувањето на постари и помалку отпорни на инерцијата, се припишува на домашното воспитување, може на тоа да се допише и седењето во средина додека оној до прозорот се ѕвери на празно. Ако ова ви звучи познато тогаш и вие сте го приметиле феноменот со кој решивме малку да се позабавуваме. Стоејќи на вратите, кој тука остануваат кога автобусот е полупразен, поради кој веројатно некогаш сте морале да ја пропуштите и станицата.

Примерите за споменатите кадри од превоз ги има многу:

Стојач број 1: Човекот кој нема карта, шверцер. Можеби ја има, но не ја употребил па му стоењето во зоната покрај вратата му овозможува брзо отчукување или итно евакуирање од возилото кога ке дојде контрола.

Стојач број 2: Човекот кој не знае на која станица треба да се симне, што не се однесува на луѓето од внатрешноста, туку на сите оние кои линијата не ја користат често. Обично стојат на предната врата, покрај кабината на возачот за секој случај.

Стојач број 3: Тој пати од анксиозност и по правило мора да биде покрај вратата за да по нападот на паника брзо најде отвор за бегство. Значи во средниот дел од автобусот е ризик затоа што ако почне да се гуши, ако се запали автобусот или едноставно се раздвои хармониката?

Стојач број 4: Флегматик или занесен, човек кој знае каде тргнал, но начинот на кој стига до целта нема многу врска со неговите интересирања. Тој го прослушува последниот албум од својот омилен бенд, и всушност се наоѓа на некоја друга локација, во некој друг град или сосема паралелен универзум.

Стојач број 5: На него или неа возилото им е на поправка. Ужас, ужас! Само денес, само денес. Тие не заслужуваат да се мешаат со обичениот свет. Тие залутаа и превртуваат со очите. И тропкаат со најевтините од арсеналот на најскапи штикли кои ги имаат дома.