Што никогаш нема да слушнете од успешните луѓе?

Сите им се воодушевуваме на успешните луѓе. Сакаме да бидеме како нив, се инспирираме од нивните животни приказни и сакаме да учиме од нив. А тоа и не е толку тешко. Само треба да ги следиме нивните насоки и да учиме од нивните постапки.

Денес ви претставуваме неколку фрази кои не се дел од речникот на успешните луѓе и тоа со добра причина. Тоа што го зборуваме многу бргу станува дел од нашата животна филозофија и начин на кој ги правиме работите. Затоа, исфрлете ги овие фрази од вашиот речник и веднаш ќе ја почувствувате разликата!

Не можам

Овој збор едноставно не постои во нивниот речник. Да понекогаш некои работи се навистина тешки и лесно е да се падне во искушение да се одбие нешто, сепак успешните луѓе ги отфрлаат сомнежите и се фокусираат на моментот и на тоа што треба да се направи.

Првична реакција секогаш нека ви биде: „Можам“, дури и ако мислите дека не можете. Со време ќе видите дека можете да направите се што сте наумиле. Ако не верувате во тоа, направете мал експеримент. Направете листа со сите работи кои сте успеале да ги научите од вашето детство па наваму. Вашиот живот самиот по себе е доказ дека можете да ги надминете сите предизвици.

Не знам

Се што досега сте направиле, сте морале да го научите. Почнувајќи од одење, до возење, до започнување бизнис. Човекот учи додека е жив. Никој однапред ги нема одговорите. Наместо да велите: „Не знам“, фокусирајте се на: „Ќе откријам, ќе научам“. Животот е постојан процес на откривање нови работи.

Немам време

Успешните луѓе немаа време, тие го создаваат времето – особено за работи кои се важни. Сменете ја фразата „Немам време“ со „Ќе најдам време“. Ако имате обврски преку глава, најдете начин како да ги распределите, ако треба и да најмите помош.

Немам време да учам

Најуспешните луѓе на планетава имаат менталитет кој е насочен кон развој и учење. Тие се жедни за знаење и знаат дека тоа е директно поврзано со успехот. Недостатокот време не е изговор за да не учите. Претплатете се на курсеви, подкасти, читајте додека ручате или патувате.

И јас да имав повеќе пари и јас ќе бев успешен

Успешните луѓе не дозволуваат парите да им го диктираат успехот. Наместо тоа, тие планираат однапред и парите кои ги имаат рамномерно ги распределуваат за развој и спроведување на активностите. Ако имаат тпроблем со пари, тие размислуваат на креативен на чин за тоа како да ги постигнат истите резултати со помалку пари или работат на тоа да заработат повеќе.

Нашите конкуренти се глупави

Слабите претприемачи често ги потценуваат капацитетите на нивните конкуренти и ривали, додека успешните луѓе ја почитуваат конкуренцијата. Тие се доволно паметни за да ги идентификуваат истите можности и да создадат конкурентни решенија на пазарот, а тоа значи дека се исто толку паметни колку и вие.

Културата е преценета работа

Културата на работното место е основата на секоја компанија и може значително да влијае на вашиот успех. Таа влијае врз работната атмосфета и расположението на вработените. Големите и успешни компании обично имаат одлична компаниска култура.