Што и кога ќе се гради на паркингот спроти ГТЦ?

Се подзаборави ли на ревидирањето на остатокот од 28 детални урбанистички планови за општина Центар за кои беше прогласен мораториум уште во ноември 2017-та година? Што ќе има на најспорната парцела на сегашниот паркинг кај ГТЦ: висококатници или нешто друго? Вакви прашања повторно се наметнуваат откако помина рокот од една од последните најави на раководството на централната скопска општина со која средината на оваа година беше означена како период во кој ќе се усвојат сменетите планови.

Но, предлози за сменети ДУП-ови се уште не се презентираат на јавноста, а станува неизвесно дали наскоро и ќе бидат. Инаку, досега од вкупно 31 детален план за кој пред речиси две години беше прогласен мораториум и стопирање на какви и да е градби, општинските советници досега усвоиле и смениле само – три. Многу малку земајќи предвид дека поминале речиси две години колку што веќе трае преиспитувањето.

Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ во јуни годинава изјави дека „дел од плановите се во завршна фаза како што е и ДУП-от со кој се опфаќа парцелата наспроти ГТЦ каде што сопственици на фирмата „Обновители“, се МПЦ и Зоран Антиќ планираат да изградат три згради од по 60-ката. Претходно, во јануари годинава имаше исто така изјава дека шест планови се ревидирани и дека се чека на мислењето од Министерството за транспорт и врски. Од нив, досега се усвоени само три. Излегува дека повеќе од шест месеци не биле доволни да се добие ова и сите други потребни мислења за да сменетите планови потоа бидат ставени на увид на јавноста и на изгласување во Советот на општината.

Оттогаш до сега, имаше само една најава на градоначалникот Богдановиќ сека ревидирањето треба да заврши до крајот на годината. Тоа треба да значи дека во наредниве четири месеци ќе се донесат сите 28 планови, а што веднаш повлекува дилема дали е можно да се оствари. Целта на преиспитувањето на плановите беше да се постигнат похумани услови за живеење за жителите на оваа општина бидејќи се оцени дека донесените ДУП-ови содржат објекти кои тоа го загрозуваат со својата катност и габаритност.

Ќе има ли одговорност за лошите ДУП-ови?
Освен ова, прашање е дали во текот на ова преиспитување ќе се постави и прашањето на одговорноста за веќе донесените ДУП-ови. „Скопско ехо“ неодамна ја актуелизира ова тема поставувајќи го прашањето зошто досега никој не е казнет за исцртување и донесување на нехуманите и профитерски ДУП-ови? Инаку, казни за непочитување на Генералниот урбанистичкиплан се предвидени и во Законот за урбанистичко планирање. Таму, на пример, предвидена е глоба во висина од 8.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за правно лица ако изработи ДУП во кој не се почитувани намените на просторот утврдени со ГУП-от. За ова, казната за физичко лице изнесува 3.000 до 5.000 евра. Но дали некој ги изрекува?

СкопскоЕхо