Што да кажат скопјани: Во 2016-та 400.000 Европејци умреле од загаден воздух

Лошиот квалитет на воздухот во 2016 година предизвикал најмалку 400.000 предвремени смртни случаи во Европа, а речиси секој Европеец кој живее во град е изложен на загадување кое го надминува здравото ниво, се посочува во денешниот последен изјвештај на Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА).

– Загадувањето на воздухот во моментов претставува најголем ризик од животната средина, кога станува збор за здравјето на луѓето, се вели во извештајот на ЕЕА, пренесува Хина.

Авторот на извештајот и експерт за квалитет на воздухот Алберто Гонзалез Ортиз оценува дека иако нивото на опасни и штетни честички во градовите се намалува, сепак тоа не се случува доволно брзо. Тој потенцира дека се уште не достигнат стандардот на Европската унија, а сме далеку од стандардите на Светската здравствена организација.

Европската законска регулатива од државите-членки бара да го проценат ризикот од серија загадувачки супстанци, вклучувајќи озон и штетни честички и да преземат соодветни мерки. Во јули, Европската комисија од Европскиот суд на правда побара преземање мерки против Шпанија и Бугарија поради лошиот квалитет на воздухот во тие земји, предупредувајќи дека нивните власти не успеале да ги заштитат своите граѓани од загадувањето.