Арпад Штербик по завршувањето на оваа сезона си заминува од таборот на Вардар и се враќа во Веспрем за да ја заврши својата кариера.

За секој играч амбиентот во салата навистина многу значи, а во салата Јане Сандандиски е навистина пеколна атмосферата.

-Последните неколку години додека бев во Барселона го изгубив тоа чувство, бидејќи годишно имавме еден натпревар кога беше полна салата, кога ќе дојдеше некој клуб од рангот на Кил. Во Скопје навистина се гледа ракомет и се чувствува дека луѓето го сакаат овој спорт, а за тоа секако има заслуга и репрезентацијата на Македонија. Навивачката група „Комити“ не следи насекаде и навистина е огромна нивната поддршка, им се заблагодарувам и на сите останати навивачи на Вардар за поддршката која ни ја даваат и која многу ни значи. Кога атмосферата е “пеколна“ не е ни потребно да се загрееш, веќе се е некако загреано, вели Штербик.

Тој за Скопје вели дека е убав град за живеење, не е голем, за кратко се стигнува до сите релации.

-Веќе 4 години живееме во Скопје и навистина ни поминаа брзо сите овие години и сметам дека за да живее некој толку долго во некој град треба истиот да му се допаѓа. На моето семејство му е прекрасно тука, на сопругата и на децата им се допаѓа и навистина е убав град за нормален живот. Блиску сме до Србија, па кога имаме повеќе слободно време патуваме до Грција и Унгарија, вели  Штербик во интервјуто за Скопјеинфо.

Голманот вели дека многу спомени го врзуваат со Скопје, но дека засекогаш ќе се сеќава на еден момент уште од 2001 година, кога не ни беше дел од Вардар или било кој македонски тим.

– Мене ми е останато во сеќавање 2001 година кога за прв пат дојдов во Скопје со тимот на Веспрем да играме натпревар од ЛШ во групи, спиевме во еден хотел и не знам дали беше лоша вечерата или нешто друго беше причината, ама знам дека Индира Кастратовиќ вечерта се појави со 100 кебапчиња. Тоа е првото нешто што ми текнува кога ќе помислам на Скопје, раскажув Штербик.