Шпанските скали ќе се градат во Скопје, но после март?

Одлуката на Уставен суд со која во сила се враќа урбанистичкиот план „Мал ринг“ изгласан во 2012 година, кој скопјани го нарекоа скандалозен, до март годинава нема да влијае на градењето во Центар. Од Општината потсетуваат дека до март во сила е мораториумот за градење на територијата на целата општина.

„Во моментот има мораториумот за градење кој забранува појава на нови градби. Забраната истекува во март, но до тогаш очекуваме да заврши ревизијата на постојните планови. Анализите треба да покажат кои планови ќе се менуваат делумно, а кои целосно поради тоа што многу од нив се донесени на ноќни седници, без да се земе предвид мислењето на граѓаните, а и има и ред други забелешки. Во подготовката и носењето на новите планови ќе бидат вклучени граѓаните и ќе бидат запазени сите постапки“ велат од Општина Центар.

Вчера Уставниот суд ја поништи одлуката на Советот на Општина Центар од март 2017 година, со која се поништуваат четирите урбанистички планови – „Мал ринг“, „Голем ринг – јужен дел – запад“, „Голем ринг – јужен дел – исток“ и „Централно зеленило покрај реката Вардар – јужен дел“, со објаснување дека Општината нема овластување да поништува планови. Уставните судии образложија дека локалните власти може да направат измени на урбанистичките планови доколку сметаат дека се несоодветни веќе усвоените, а поништување и укинување на урбанистички планови може да изгласа Уставниот суд.

Со вчерашната одлука на судот повторно е важечки планот за најстрогиот центар на градот, „Мал ринг“, во кој се предвидени шпанските скали, односно деловниот објект со скали предвиден на просторот меѓу „Лумикс“ и плоштадот Македонија. Објектот, висок 16 метри, треба да биде изведен во таканаречениот барок-стил, обврска што во 2013 година на инвеститорот што го купи земјиштето му ја наметна Министерството за транспорт и врски. Покрај шпанските скали, од овој план нереализирани се катната гаража зад „Метропол“, уште три галии во Вардар, а десетици спорни објекти има и во другите три плана, кои Општина Центар ги поништи лани во март. Сегашниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, најави дека голем дел од градбите што ги има во постојните планови ќе биде избришан.