Шилегов ветува дека од февруари низ скопските улици ќе возат 33-те автобуси на гас

Започнавме процес на системско решавање на проблемите кои во минатото ги оставале да се таложат, ги ставале под тепих, водејќи грижа исклучиво за нечии лични интереси, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на трибината под мотото „На прав пат“ во Скопје.

Наместо со импровизирани скапи набавки на двокатни дизел автобуси, јавниот транспорт го решаваме системски подобрувајќи ја неговата одржливост. Со поддршка на Владата ја започнавме процедурата за обезбедување на средства  за изградба на Траклес трам.

Овој систем подразбира воведување на нова технологија неколкукратно побрза од постоечкиот јавен транспорт, истакна Шилегов.

Но оваа приказна не започна тука. Нарачавме 33 квалитетни, нископодни, единечни и дводелни еко-автобуси на гас, кои веќе од февруари следната година ќе почнеме да ги гледаме еден по еден на скопските улици, нагласи Шилегов.

Ова гарантира дека за 2 години од сега, ќе имаме повеќе корисници на јавниот транспорт со зголемена ефикасност и подобрени еколошки перформанси, а помалку возила на улиците, заклучи градоначалникот на Скопје и член на ИО на СДСМ, Петре Шилегов на трибината под мотото „На прав пат“ во Скопје.