Шилегов: Скопје ќе добие трамвај

Во Скопје ќе се гради трамвај. Решението е изготвено и догодина се очекува да стартува реализацијата на овој капитален проект. Ова го изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Шилегов додава дека во соработка со збратимениот град Загреб од јануари годинава се работело на техничко решение за изградба на првата фаза на трамвајот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

„Уште при мојата посета на Загреб, во јануари, со градоначалникот Милан Бандиќ разговаравме околу можноста во Скопје да се изгради трамвај. Изминатиов период ги собрав искуствата од Загреб, Виена и Париз, со цел да ги видиме можности за воведување на шински јавен транспорт во Скопје, имајќи предвид дека станува збор за сериозно комплексна работа. Во Град Скопје постои студија која што дава определени показатели од времето кога градоначалник беше Трифун Костовски, но не претставува основ на кој може да вршите изведба. Затоа имајќи ги предвид добрите односи со Загреб, нивните технички и сообраќајни служби заедно со претставници од Загрепски електричен трамвај (ЗЕТ) неколку пати го посетија Скопје, извршија проверка на постојната студија и на трасата каде би се движел трамвајот. Станува збор за првата фаза од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, со изградба на депо. Врз основа на тие податоци изготвена е целосна сообраќајна студија со техничко решение за изградба на трамвајот што како документ претставува доволен квалитет за да може да почнеме со изведбата“, вели Шилегов за СДК. 

Според првичните проценки изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра. Парите ќе се бараат од европски фондови или од буџетот на Владата. 

.