Шилегов: Нема да дозволиме на кејот повторно да никне дива населба и депонија

Екипите на Град Скопје во соработка со општествено одговорни компании веќе два дена темелно ги отстрануваат остатоците од дивата населба под скопското Кале.

„На ова место со децении наназад имаше дива населба во која живееја бездомни лица, а која беше претрупана со отпад и беше извор на аерозагадување. Во текот на овој месец успеавме да не дозволиме на ова место повторно да се населат бездомни лица кои се згрижени во капацитетите на Министерството за труд и социјална политика. Веќе од вчера заедно со општествено одговорните градежни фирми кои соработуваат со Градот Скопје, на моја молба, започна целосно и темелно расчистување на оваа локација. Досега, во текот на овие два дена имаме подигнато над 500 кубни метри смет. Јас очекувам дека во наредните десетина дена ќе завршиме со расчистување на овој терен“ - рече градоначалникот Шилегов, на денешната прес-конференција под Кале.