Шилегов најавува еко модерен систем за решавање на скопскиот сообраќаен метеж

Градот Скопје е домаќин на Регионалната конференција во рамки на меѓународниот проект „Одржлива урбана мобилност кај градовите од Југоисточна Европа“, на тема „Зголемување на бројот на велосипедисти во Скопје”.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека на оваа конференција ќе се дискутира за продолжување и унапредување на проектот „Скопје велосипедски град“.

– Во наредните три дена, во оваа конференција ќе бидат вклучени стручни сектори, министерства, невладини организации, јавни претпријатија и факултети, кои заедно ќе реализираат стратегија за развој на велосипедската култура и зголемувањето на бројот на велосипедисти во градот. Проектот „Скопје вело-град“, повторно го ставаме на врвот на приоритети на градот. Преку ново системско, еколошко и модерно решение на градот, имаме за цел растоварување на градскиот метеж и намалување на емисиите на издувни гасови. Со секоја реконструкција на улица ќе изградиме нова велосипедска патека и ќе ја продолжиме исплатата на субвенции за набавка на велосипеди. Скопје ќе биде просперитетен и отворен град. Планираме Скопје да стане европска зелена престолнина во 2021 година – рече Шилегов.

Работниот дел од конференцијата ќе продолжи и во наредните денови, и фокусот повторно ќе биде, подобрување на условите за користење на велосипедот во Скопје. На овие работилници, учесниците ќе се запознаат со примерите, за подобрување на условите за користењето на велосипедот како превозно средство, што се применуваат во повеќе градови низ Германија.