Шилегов: Би бил нобеловец кога во јуни ќе знам каков снег ќе имаме во 2021 година!

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов вчера одговараше на прашања од пред гимназијата „Никола Карев“.

Тој беше запрашан за уништените јавни површини во некои делови од градот и ситуацијата со склучениот договор со фирма за чистење на снег, кој досега не падна во Скопје.

-Ние и да сакаме, не можеме да стигнеме насекаде да вршиме контрола. Мора да се направи систем со кој ќе се одржуваат јавните простори. Што се однесува до фонтаната на плоштадот, таа е прескапоплатена, плочките не легнуваат како што треба. Од друга страна, кога зборуваме за снегот, Скопје е должен да има зимска служба за одржување на улиците. Јас би бил нобеловец ако во јуни оваа година знам каков снег ќе имаме во 2021 година. Станува збор за договори кои не се измислици на Петре Шилегов, истакна градоначалникот на Скопје.

Инаку Град Скопје случил договор со фирмата „Аполо Инженеринг“ за изнајмување на возила за чистење на снег на улици во Скопје во периодот од 15 ноември до 15 март за оваа и наредната зима чија цена e од 64.900.000,00 денари.

Во оваа сума се вклучени само 40 часа работа на механизацијата на месечно ниво, а сè над тоа се плаќа дополнително, со што сумата може да расте и неколкукратно.

Иако во првите два месеца од договорот, од 15 ноември 2019 до 15 јануари 2020, не падна снег, кон фирмата добитник на тендерот исплатени се околу 263.000 евра или околу 16.225.000 денари, иако реално фирмата за истиот период нема трошоци.

Доколку и следната зима има временски услови како оваа, фирмата „Аполо Инженеринг“ со која Петре Шилегов склучил договор ќе инкасира над 1.000.000 евра (64.900.000 денари) а при тоа имала минимални трошоци.