Шеф и Штеф се новиот кум и здравичар за Бадник 2018 година во Скопје

Македонскиот Џејми Оливер, уметникот во кујна Влатко Огненоски-Шеф и ликовниот уметник Стефан Хаџи Николов-Штеф се новиот кум и здравичар за Бадник 2018 година.

Кумот, според Одборот на Бадник, е дете на скопскиот асфалт-роден 1972 година. Негова книга е готвачот „Модерна македонска кујна“. Носител е на кампањата за едукација за здрава храна „Шпајзот на Македонија“. Според членот на Одборот за прослава на Бадник Мојсо Мојсовски, и двајцата се квалификувани за финкциите, пред се, како што рече, е дека имаат прекари, како што старите скопјани имаат, а тоа се Шеф и Штеф.

Во пресрет на 26-тите Бадникарски свечености во недела на 24 декември оваа година од падините на Водно, кај месноста Краста, ќе се берат бадникарските гранчиња што ќе се делат на 6 јануари пред Соборниот храм.

Како што појаснија организаторите на манифестацијата, Кумот за Бадник со пајтон ќе замине со преодниот ќуп, откако ќе прими благослов од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан. Кумството ќе го предаде Радко Манов. 

Влатко Огненоски е уметник во кујна. Пропатувал низ многу национални кујни низ светот, а своето знаење го пренесе во готвачот насловен „Модерна македонска кујна“. Книгата со 100 рецепти содржи инвентивни и нови техники на готвење и сè е базирано врз нашата национална кујна. Ќе биде пласирана и меѓу нашинците во светот, а ќе се преведе и на англиски.

Работел во Фиренца, Италија во престижен ресторан, но бидејќи не го знаел доволно италијанскиот јазик го ангажирале како мијач на садови. Опиен од прекрасните мириси на кујната и јадењата на мајсторите на кулинарството почнал со свои експерименти готвејќи во својот дом со продукти што ги имал при рака. 

Носител е на кампањата за едукација за здрава храна „Шпајзот на Македонија“. 

Стефан Хаџи Николов-Штеф е реномиран македонски уметник, мајстор на женскиот акт и пејсажот. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1984 година.

Хаџи Николов е годинашен добитник на наградата „13 Ноември“ на Скопје, носител е на наградата „23 Октомври“, а за своето успешно уметничко дејствување добил голем број престижни награди во земјава и во светот.